Поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, потврди дека ќе го интервјуира Владимир Путин по шпекулациите дека во понеделникот бил виден во посета на кабинетот на рускиот претседател.
Карлсон, кој беше отпуштен од „Фокс њуз“ минатиот април, објави видео на X во кое објаснува зошто одлучил да го интервјуира Путин.
Тој ги опиша интервјуата на западните новинари со украинскиот претседател Володимир Зеленски како „умилкување“ и „владина пропаганда“.
Карлсон ги критикуваше медиумите што не го интервјуирале рускиот лидер, велејќи дека западната публика „никогаш не го слушнала неговиот глас“ и дека тоа е „погрешно“.
Додаде дека американскиот мултимилијардер Елон Маск му потврдил дека нема да го „блокира“ или „забрани“ интервјуто на социјалната мрежа Х.
Тој, исто така, ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за „нелегално шпионирање“ на СМС пораките на неговиот тим со цел да се запре „планираното интервју со Путин“.
„Фокс“ ги прекина врските со Карлсон седум дена откако тој се спогоди во тужбата за клевета со Dominion Voting Systems и се согласи да плати отштета од 787,5 милиони долари за ширење наводи за изборна измама во Соединетите држави.
„Фокс њуз“ постигна договор во последен момент со Dominion Voting Systems и се согласи да плати повеќе од 787 милиони долари за да ја прекине двегодишната правна битка.
Тоа е најголемата јавно позната спогодба за клевета во американската историја платена од медиум.