Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека по разговорите со американските претставници во Њујорк, очекува позитивно решение за прашањето за високите американски царини за увоз на стоки од Србија.
Вучиќ им изјави на новинарите од Србија дека не се сретнал со американскиот министер за финансии Скот Бесант, иако тоа било договорено, бидејќи „одеднаш имал нова средба“, но дека претставниците со кои разговарал – Ричард Гренел и Џон Јовановиќ, биле „во координација“ со него.
Тој рече дека разговарал и за американските царини од 35 проценти за увоз на стоки од Србија со Гренел, претставникот на американскиот претседател за специјални мисии, и Јовановиќ, новиот претседател на американската Експорт-импорт банка (EXIM).
„Се зборуваше за тоа, но тоа ќе биде подолга приказна, се надевам дека успешно ќе го решиме. Гледам дека тоа е подолг процес, но можам да видам светло на крајот од тунелот, и покрај многу комплицираните процедури“, рече Вучиќ, кој е во Њујорк за сесијата на Генералното собрание на ОН.
Високите американски царини за увоз на стоки од бројни земји стапија на сила на 7 август. Царините што САД ги воведоа за Србија се највисоки во Западен Балкан и, по Швајцарија, највисоки во Европа.