Американскиот Сенат усвои заклучок со кој се бара објавување тајни разузнавачки информации во врска со потеклото на коронавирусот.
Заклучокот, предложен од републиканските сенатори Џош Хаули и Мајк Браун, му дава на директорот на Националната разузнавачка служба на САД 90 дена да ги декласифицира „сите информации за можни врски помеѓу Институтот за вирусологија во Вухан и потеклото на Ковид-19“.
Исто така, потребно е да се објават сите релевантни информации во врска со активностите на Институтот Вухан и сите детали за тоа дали некои научници од тој институт биле болни есента 2019 година, пренесе „РТ“.
Претходно, американските медиуми ги објавија разузнавачките податоци на американските служби дека неколку вработени во тој Институт се во болница поради респираторна болест, неколку недели пред да се објави првиот случај на вирусот во Кина.
Сенатот бара овие информации да бидат презентирани пред Конгресот на САД.
Овој потег следи откако американскиот претседател Џо Бајден нареди нова анализа за тоа како започнала пандемијата, нагласувајќи дека ќе побара од Пекинг да биде потранспарентен во однос на информациите за тоа прашање.
Американските медиуми објавија ден претходно дека Бајден наредил да се запре истрагата за потеклото на вирусот, која започна за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.
Иако теоријата дека коронавирусот потекнува од лабораторијата на Институтот во Вухан е отфрлена и третирана како теорија на заговор, во последните неколку недели таа добива сè повеќе простор и многумина бараат да се истражи оваа можност.
Делегацијата на Светската здравствена организација, која беше во Вухан, во својот извештај наведува дека најверојатната хипотеза е како вирусот преминал од животно на човек, додека тие ја оцениле теоријата за истекување од лабораторијата како малку веројатно.
Кина ја отфрла можноста дека вирусот протекол од лабораторијата. Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше и на последните обвинувања во САД, изјавувајќи дека и американските лаборатории се сомнителни и дека треба да се спроведе истрага и таму.