Американските разузнавачки агенции поседуваат голема количина генетски податоци кои би можеле да бидат клучна мистерија за потеклото на коронавирусот, објави Си -Ен -Ен. Службите сега детално ги разгледуваат овие податоци, но прво мора да ги дешифрираат.
Тој огромен каталог на информации содржи генетски податоци добиени од примероците на вирусот проучувани во лабораторија во Вухан, Кина, градот од кој коронавирусот почна да се шири низ целиот свет, потврдија неколку извори за Си-Ен -Ен. Некои американски официјални лица веруваат дека коронавирусот започнал токму од таа лабораторија.
Се уште не е јасно како американските разузнавачи ги добиле податоците, но Си-Ен-Ен наведува дека компјутерите преку кои се создаваат и обработуваат такви бази на податоци обично се поврзани со сервери базирани на cloud технологија, алудирајќи на можноста дека тие можеби биле хакирани.
Но, „преведувањето“ огромна количина сурови податоци во корисни информации, што е само дел од напорите на разузнавачката заедница да го открие потеклото на короната, повлекува цела низа предизвици. Еден од нив е за собирање доволно компјутерска моќ за да се заврши таква работа. Затоа американското разузнавање се потпира на суперкомпјутерите на Националната лабораторија на Одделот за енергија, која обединува 17 елитни американски истражувачки институции.
Има проблем и со човечкиот фактор. На разузнавачите не само што им се потребни научници доволно вешти за да можат да толкуваат сложени податоци за секвенционирање на генетскиот материјал на вирусот, тие мора да знаат и мандарински, бидејќи податоците се на кинески и користат специфичен речник.