Франција ќе ја испрати втората Статуа на слободата во САД, 135 години по првата, како знак на посветеност на зајакнување на француско-американските односи, пишува француски „Журнал ди Диманш“.
– Оваа статуа е двоен симбол на слободата, но и на гостопримливоста – рекол францускиот амбасадор во САД, Филип Етјен.
Францускиот весник пишува дека новата статуа ќе биде испратена во САД на 7 јуни и дека ќе пристигне на време за да се одбележи Денот на американската независност на 4 јули. Таа ќе остане во САД во период од 10 години.
Новата статуа е значително помала од оригиналната. Висока е 2,83 метри и ќе патува за САД со брод под знаме на Франција во посебен контејнер со сензори. Статуата ќе пристигне во Њујорк и ќе биде поставена на островот Елис, од каде ќе може да се види оригиналната статуа на островот Либерти.
Потоа ќе биде пренесена во резиденцијата на францускиот амбасадор во Вашингтон.