Американски владини научници започнаа со работа на нов вид коронавирус што ќе се користи за тестирање вакцини на луѓето, а се работи за контроверзен вид на истражување што подразбира дека здравите волонтери прво се вакцинираат, а потоа намерно се заразуваат со вирусот, дознава „Ројтерс“.
Станува збор за се уште прелиминарни резултати и таквите тестови нема целосно да го заменат класичното тестирање на вакцините кај голем број луѓе, како што е фаза 3. Токму вака сега се тестира вакцината на компанијата „Модерна“, како и вакцината на „Пфицер“.
Целта на тестирање на вакцината со нов вид на вирусот треба да биде побрз начин за тестирање на безбедноста и ефикасноста на вакцината, а некои приватни компании веќе го разгледувале овој начин.
Ваквите тестови обично се вршат кога вирусот не циркулира кај популацијата, што не е случај со новиот коронавирус. Овој начин на тестирање се смета и за неетички од многу научници затоа што не постои начин да се спасат оние што се разболуваат и покрај вакцината.