Амфитеатар во Нови Сад ќе го носи името на македонскиот научник Васко Саздовски

Институтот Биосенс во Нови Сад утре ќе отвори амфитеатар именуван по Васко Саздовски, македонски научник кој трагично го загуби животот при падот на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

од desk4
14 прегледи

Како што информира Институтот, Саздовски докторирал на Универзитет Кренфилд во Велика Британија и зад себе имал повеќе од две децении професионално искуство во областа на роботиката и автономните системи. Во текот на својата кариера работел во научни и истражувачки институции во Северна Македонија, Германија и Хрватска, а подоцна и во Институтот „Биосенс“.

Покрај научните достигнувања, колегите го паметат Саздовски како исклучително посветена и човечна личност, препознатлива по својата отвореност, дарежливост и грижа за студентите и соработниците. Со именувањето на амфитеатарот по него, колективот на Институтот „Биосенс“, како што се наведува, сака трајно да го зачува споменот на својот колега и да ги продолжи вредностите на кои тој беше посветен – знаење, професионалност и човечност.

Васко Саздовски (1979–2024) беше вработен во Институтот „Биосенс“ во рамки на Центарот за сензорски технологии, каде што работеше како виш истражувач на проектот ANTARES.