Меѓународната фудбалска организација (ФИФА) беше повикана да формира фонд за компензација од најмалку 440 милиони долари за работниците мигранти кои претрпеле „прекршување на човековите права“ за време на изградбата на објекти за Светското првенство во Катар.
Амнести интернешенел (АИ) го испрати ова барање до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објави Би-Би-Си.
Предложената сума е еднаква на наградниот фонд на Светското првенство во 2022 година.
Се проценува дека речиси 30.000 работници мигранти биле искористени во проекти за изградба на седум стадиони во Катар, нов аеродром, ново метро и нови патишта.
Извршниот директор на АИ во Велика Британија, Саша Дешмук изјави дека англиската репрезентација, селекторот Герет Саутгејт и Фудбалската асоцијација имаат обврска да извршат притисок врз ФИФА да реагира.
„Илјадници работници беа експлоатирани, а многумина трагично ги загубија животите за да се овозможи ова Светско првенство. Се надеваме дека ФА, Герет Саутгејт и играчите ќе ја поддржат оваа иницијатива за да се обезбеди компензација за семејствата на експлоатираните работници“, рече Дешмук.
ФИФА изјави дека ја разгледува предложената програма и дека веќе бара начини како да ги обештети работниците.
Организаторите на Светското првенство соопштија дека се е направено со присуство и надзор на меѓународните групи за правата на работниците.