Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим прокоментира дека неговиот тим мора да најде начин да го „преживее“ тешкиот момент, кој очекува да продолжи по вчерашниот пораз од Вулверхемптон со 2-0 во натпревар од Премиер лигата.
По минатонеделната елиминација од Лига купот, следеше пораз од Борнмаут, а синоќа „црвените ѓаволи“ го претрпеа третиот последователен пораз.
„Идејата бара време“, рече Аморим, цитиран од агенцијата ДПА, и продолжи: „Ви реков претходно дека претстои тежок момент и далеку сме од крајот на овој момент. Ова е тоа. Мораме да се движиме напред и да се фокусираме на следниот натпревар“.
Запрашан колку време мисли дека ќе биде потребно за да остави свој белег, Рубен Аморим рече: „Немам поим. Наместо да се обидувам да сфатам колку време ќе биде потребно, јас само размислувам од ден на ден“.
„Се обидувам да се подобрам, гледам видеа и го користам секој тренинг во потрага по начини да добијам поени бидејќи тоа е навистина важно во моментов“, додаде менаџерот на Манчестер Јунајтед.
Во оваа фаза, тимот е поблиску до зоната за испаѓање отколку местата во Лигата на шампионите, а сега ќе се соочи со Њукасл на 30 декември.
„Треба само да преживееме и да добиеме малку време за да продолжиме да работиме. Тоа веќе го знаевме. Ја започнав оваа работа, оваа нова идеја, без време за тренинзи, со многу натпревари, тешки натпревари. Но, свесни сме дека ова е долго патување. Како што кажав на првиот ден, мора да продолжиме и да се бориме со овие лоши моменти бидејќи тоа е дел од фудбалот“, прокоментира Аморим.
Беше дециден дека во моментов не може да размислува за пласман во Европа.
„Мораме да работиме на многу работи во нашиот клуб – на и надвор од теренот, па да се фокусираме на секој натпревар и да го искористиме секој тренинг и натпревар за да ја подобриме состојбата на тимот“, додаде Португалецот.