Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим призна дека се уште не знае што ќе биде со Маркус Рашфорд до крајот на преодниот рок. Напаѓачот беше поврзуван со Милан, Јувентус, Наполи, Борусија (Дортмунд) и Барселона, но постепено овие опции почнаа да паѓаат една по една и во моментов се чини поверојатно дека Англичанецот ќе остане на „Олд Трафорд“, иако Аморим не се потпира особено на него.
Менаџерот на прашањето дали Рашфорд ќе остане на „Олд Трафорд“ одговори: „Не знам, навистина не знам“.
Запрашан дали ќе се обиде да го реинтегрира во тимот доколку остане, Португалецот одговори: „Момци, остануваат уште осум дена до крајот на прозорецот. Ќе видиме на крајот од прозорецот што се случи. А потоа ќе разговараме за тоа“.
Аморим призна дека сè уште не е сигурен дали Лени Јоро или Матијс де Лихт ќе бидат подготвени за неделниот дуел со Фулам: „Не знам. Лени има болки, а Мата имаше модринка. Лени исто така беше малку уморен. Играше повеќе во последно време, па мора да бидеме внимателни, ќе видиме“.
Аморим го коментираше и фактот дека Касемиро остана неискористена замена на 10 од последните 13 натпревари на тимот:
„Морам да изберам играчи со соодветни карактеристики за тоа како јас ја гледам играта. Едноставно е. Сакам тој да игра со стил кој понекогаш се разликува од другите тренери, и јас го правам мојот избор врз основа на тоа“.