Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим изјави дека почнува да забележува подобрувања во неговиот тим откако „црвените ѓаволи“ обезбедија победа од 3-0 на гостувањето кај Лестер Сити во Премиер лигата во неделата.
„Мислам дека нашите перформанси се подобруваат, а кога ги имате перформансите и резултатот, бидејќи резултатот не секогаш доаѓа со перформансите, се чувствувате подобро“, рече Аморим, цитиран од Ројтерс.
„Почнувам да гледам различни работи во тимот, особено денес. Се чувствува недостигот на енергија кај некои играчи, но чувствувам дека тимот може да најде начин да победи во натпреварите, дури и кога се малку поуморни. Тоа е добар знак”, коментираше менаџерот на Манчестер Јунајтед.
Головите против домаќинот Лестер ги постигнаа данскиот напаѓач Расмус Хаојлунд, Аргентинецот Алехандро Гарначо и капитенот Бруно Фернандеш.
Хојлунд немаше постигнато гол на претходните 22 натпревари во сите натпреварувања, а Гарначо немаше постигнато гол на 24 натпревари.
„Ова беше навистина важно за Хојлунд. Тој ги прави вистинските работи, му помага на тимот, се бори за секоја топка и денеска постигна многу добар гол, многу важен гол. Тој го заслужи тоа повеќе од кој било друг“, изјави Рубен Аморим и додаде:
„Гарначо беше навистина среќен, но најважно е начинот на кој ја подобрува својата игра и малите нешта што ги прави доста добро. Кога ќе ги направите малите детали така, ќе се покажат добрите работи. Тој исто така го заслужи својот гол денес“.