АМСМ информира дека од синоќа од 22:35 часот патниот правец Ресен – Охрид (Превој Буково) е нормализиран. Од 23:35 часот патниот правец Битола – Ресен (Превој Ѓавато) е нормализиран, а од 01:50 часот патниот правец магистрален пат А2 Крива Паланка – ГП Деве Баир е нормализиран.
Воведени се забрани за движење на товарни моторни возила на следните патни правци: Тетово – Попова Шапка (забрана за ТМВ, за сите останати видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема), Гостивар – Стража, Маврово – Дебар, Прилеп – Македонски Брод и Охрид – Кичево.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат, појаснуваат од АМСМ.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на патниот правец К. Паланка – гр. премин Деве Баир и на планинскиот превој Пресека.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.