Ана: Ќе присуствувам на протестниот марш за жртвите од „Јавна соба“

од Nikola Popovski

Ана, девојката која јавно проговори за „Јавната соба“, дека токму нејзина фотографија и телефонски број беа споделени во групата на Телеграм, најави дека ќе учествува на маршот кој вчера го најавија од невладиниот сектор.

„Поканета сум да присуствувам и нормално дека ќе присуствувам. Јас можеби сум и првата што сакам да се избориме, да допреме до сите. Сакам никој веќе да не продолжи со вакви работи, да не им наштетува на другите луѓе и да постигнеме живеење во едно здраво општество. Овие ситуации само не уназадуваат“, изјави Ана, при гостувањето на емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Таа вчера истакна дека добила голема поддршка од јавноста, но и од обични луѓе кои ѝ се обратиле по објавеното сведоштво откако нејзини податоци беа злоупотребени.

„Ми значи поддршката од луѓето, ми пишаа многумина и од земјава, но и луѓе кои живеат во САД или низ европските држави. Со таа поддршка гледаме дека не сум само јас, туку на многу луѓе веќе им е доста од вакви случувања“, вели Ана, додавајќи дека случајот го пријавила во полиција, но оттаму ѝ одгвориле дека не може да ја заштитат бидејќи е полнолетна, па добила совети правдата да ја бара по приватен пат преку адвокати.

Протестниот марш за жртвите од „Јавна соба“ ќе се одржи во среда на 3-ти февруари.

„Маршот ќе започне точно во 14:30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на Јавна соба, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и побараат правда“, стои во објавата на Фејсбук на неколку невладини организации.

Слични содржини