Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК: „Си замина дел од моето второ семејство“

од Даниел Ѓорѓиевски
335 прегледи

Од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, само тројца членови од музичката група ДНК успеаја да се спасат – фронтменот Владимир Блажев-Панчо, придружниот вокал Ана Костадиновска и гитаристот Горан Тонев.

Панчо е на болничко лекување, а Горан, исто така, е меѓу повредените. Според последните информации, Ана Костадиновска е на домашно лекување.

Денес, пред погребот на своите блиски пријатели и колеги, Ана за првпат јавно се огласи на својот Фејсбук-профил, споделувајќи емотивна порака:

„Си замина дел од моето второ семејство. Со нив замина и дел од мене. Остана само пепел и празнина… а кој би рекол дека празнината може толку силно да боли?“

Покрај тоа, таа ја промени својата профилна фотографија, ставајќи заедничка слика со трагично загинатата колешка Сара Пројковска.

„Љубовче мое, даденце мое, ангелумој, душо на мојата душа, ќе те сакам додека дишам и постојам, а ќе болиш секој ден…“ – напиша таа во описот.

Трагедијата што ја погоди музичката сцена остави длабока тага меѓу пријателите и колегите, додека јавноста со сочувство ги следи вестите за здравствената состојба на преживеаните.

 

Фото: Facebook / Ана Костадиновска

Фото: Фејсбук/ Ана Костадиновска

 

Слични содржини