За теми кои се од особен и витален интерес за граѓаните, како што се интеграцијата на земјата во ЕУ, економската и енергетската криза, нужно мора да има политичка кохезија меѓу власта и опозицијата, оценуваат познавачите на политичките случувања во земјава.
– Несомнено е понеопходна стручноста на целиот политички и граѓански спектар во постапувањето и справување со овие важни прашања за државата. На овој начин, сите општествени фактори, ќе придонесат за ублажување и решавање на ваквите сериозни прашања од една страна, а од друга страна ќе се зајакнува и одговорноста за сериозна состојба во која се наоѓаме. Ова е еднакво на „воена“ ситуација и во такви ситуации мора да се елиминира личниот, политичкиот и сличниот гнев, а притоа да се зголеми одговорноста на секој фактор во општеството, изјави за „Локално“, Ардииан Демири – политички коментатор и правник.
Политикологот Мурат Алиу вели дека во држави со консолидирана демократија, во држави каде политиката е во служба на граѓанинот, а особено во случаи на поголеми кризи, соработката власт-опозиција е нормална работа.
– Речиси целиот свет се соочува со голема енергетска криза, а со тоа и економска. Оваа ситуација природно ја наметнува потребата од концентрација на сите сили и потенцијали за нејзино надминување. И Северна Македонија, како и сите земји од Европа и пошироко, се соочува со предизвик како што е енергетската криза, економската, но и политичка во однос на визијата на политичките партии против интеграцијата на Македонија во ЕУ. Мислам дека во овие околности или констелации, соработката или кохезијата меѓу сите политички чинители е задолжителна. Бидејќи во спротивно, економската состојба, но и политичката може да ескалира и на крајот сите последици да ги трпат граѓаните, изјави Алиу за „Локално“.
Според него, во ситуацијата во која се наоѓа Македонија, оваа соработка е особено неопходна во однос на стратегијата за интеграција на нашата земја во ЕУ.
– Засега главните политички актери, поточно власта и (македонската) опозиција, имаат два спротивни пристапи во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ. Доколку македонската опозиција продолжи да го блокира патот на Северна Македонија кон ЕУ, земјата ризикува да потоне уште подлабоко во економска криза, но и да стане политички изолирана. Затоа соработката е повеќе од потребна во овие околности, подвлекува Алиу.
Д.Ј.