Аналитичари за „Локално“: Настапот на Димитров е класична практика на политичката култура во Македонија

од Берта Китинска
597 прегледи

Вицепремиерот во заминување Никола Димитров на последната прес-конференција порача дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата, објаснувајќи дека е сменет од функцијата, со цел да биде замолчен.

Според аналитичарите вчерашните изјави на Димитров делуваат гневно на моменталната ситуација, сметајќи дека  своите ставови во однос на колегите требал да ги изнесе пред да се случи неговото заминување од Владата.

-Настапот на Димитров, доколку ја иземеме суштината на кажаното, е класична практика на политичката култура во Македонија. Државнички е да бидете гласен и (само)критичен за време на своето делување, а не по истекот. Низ оваа реторика се наметнува прашањето дали овој настап ќе се случеше доколку Димитров станеше дел од новиот состав на владата?, вели политикологот Иво Ранѓеловиќ.

Доколку не се согласувал суштински со актуелниот министер за надворешни работи во однос на решението на и деблокирањето на ветото од страна на официјална Софија, според аналитичарот Благојче Атанасоски, вицепремиерот за европски прашања требал да си поднесете оставка, бидејќи неговите гледишта не се поклопуваат со генералната траекториска политика на владата во кој и тој самиот беше член.

-Малку е симптоматично, што предводникот на пробивот на Македонија во евроатланските интеграции ( екс министерот за надворешни работи), во чиј мандат се потпиша Преспанскиот договор, со кој се реши деценискиот спор со јужниот сосед, и врз база на кој бевме примени како триесетта земја членка на НАТО алијансата, и се потпиша Договорот за добрососедство и пријателство со источниот сосед, дава ваква нервозна изјава на крајот на неговиот мандат како вицепремиер за европски интеграции. Не сакам да верувам дека е изблив на гнев, само затоа што нема да ја продолжи кариерно нагоре својата политичка кариера ( евентуален кандидат за премиер/претседател) во иднина, бидејќи станува збор за човек кој имаше и котираше со особено висок рејтинг и кај граѓаните и кај меѓународната заедница. Доколку не се согласувал суштински со актуелниот министер за надворешни работи во однос на решението на и деблокирањето на ветото од страна на официјална Софија ( а со тоа и неусогласени ставови и со владиниот кабинет, почнувајќи од премиерот Заев), тогаш доблесно е да си поднесете оставка, бидејќи вашите гледишта не се поклопуваат со генералната траекториска политика на владата чиј член сте. Вака излегува дека сте моментално гневен бидејќи не продолжувате понатаму да министерувате. Сепак, Никола Димитров е децениски долго во политиката, сметам дека има уште потенцијал и капацитет и понатаму што да даде, и верувам дека не се тие суштинските причини, туку е резултат на емоционален вординг на крајот на неговиот министерски мандат, објаснува Атанасоски.

Пратеникот Павле Трајанов вели дека тој лично нема коментар за Димитров, посочувајќи дека овие изјави треба да бидат искоментирнани од лицата кон кои се упатени.

За тоа дали се согласуваат со ставовите на Димитров дека можеби се оди предалеку во преговорите со Бугарија и дека Османи по секоја цена сака решение Ранѓеловиќ смета дека и покрај комплексноста на македонската политичка сцена, решението треба да произлезе во најмала рака преку консултација со што повеќе чинители, ако веќе консензусот е мисловна именка.

-Тоа е цената која јавноста ја плаќа за нетранспарентноста на функционерите. А, како би знаеле граѓаните дали Османи или било кој друг оди предалеку и тоа на штета на националните интереси? Ваквиот политички дискурс е неприфатлив и политичарите не би требало да го практикуваат, подвлекува политикологот.

Според Атанасоски оваа изјава треба да се гледа низ диоптриска перцепција.

-Па самиот Димитров како потписник на Преспанскиот договор, од повеќе од половина Македонија ( посебно од етничките Македонци), беше поставен на „столбот на срамот“, како национален предавник за „продажбата на името“ и капитулацијата пред Грците, согласно вордингот на самопрогласените патриоти. Универзитетската професорка Билјана Ванковска, дури, кога го потпиша Преспанскиот договор, му порача „раката да ти се исуши“, а тој истиот го правдаше, фалеше и бранеше како историски, и најдобар можен кој можел да се потпише за да се уредат и нормализираат односите со Грците. Така што и ова негово обвинување е симптоматично. Се е работа на перцепција.

И евентуален договор со Бугарите за (помал) дел ќе биде победа, за поголем пораз, но тоа не е така само во нашето општество, туку и тамошните општества и нации , ваквите тешки меѓународни договори ги поимаат како тешки национални порази и катастрофи ( мнозинството Грци не го прифаќа Преспанскиот и го смета за грчки пораз и капитулација), и огромен број на Бугарите деблокадата на официјална Софија кон евроиднината на Македонија и македонските граѓани во овој момент без наши отстапки ќе го смета за национален пораз и катастрофа, согласно наектрелизираната ситуација во тамошното политичко и општествено миље кое во наследство на Кирил Петков, му ја оставија Борисов, Каракачанов, Захариева, Џабмаски и Ковачев, а ја подгрева секојдневно актуелниот претседател Румен Радев со своите несмасни, и во најмала рака неевропски и недипломатски изјави, објаснува аналитичарот.

Временската рамка е доволен период за кревање на ветото

-Клучот во новиот пристап не го гледам толку во институционалната реорганизација колку што е важна неофицијалната промена во фокусот на преговорите. Имено, доколку преговорите помеѓу работните групи и министерствата се концентрираат на економските, културните и било кој друг општествено-вредносен систем тогаш легитимно е наскоро да очекуваме решение на спорот. Историјата би требало да добие подредена улога во преговорите бидејќи таа е луксуз кој не може да си го дозволат владите во Скопје и Софија, како и нивните општества, смета Ранѓеловиќ.

Доколку се има искрена воља, желба и искреност , со меѓусебно почитување и уважување од двете страни според Атанасоски секој пристап би бил посакуван.

-Сите механизми нема да вредат ништо, доколку од другата страна постојано добиваме изјави со кои ќе се потврдува ветото, дека нема шанси да почнат европреговорите, додека Македонија не исполни x (икс) предвидени задачи и работи, и уште пострашно доколку се даваат изјави со кои целенасочено ќе се иритара јавноста, за да се испровоцираат реакции со кои ќе се иритира и тамошната јавност, па наместо да го стеснуваме решението во прифатливи рамки, ние да го правиме уште поневозможно. Гледам еден мал надежен прозорец на можности во помекиот, поцивилизираниот и поевропскиот пристап на новиот премиер Кирил Петков, со кој се гледа едно уважување кон нашите позиции, без намерни провокации, но сепак изјавите на претседателот Румен Радев, владиниот коалициски партнер, карикатуралниот шоумен Слави Трифонов, ме ставаат пак во реалистична рамка дека до решението ќе треба многу напор, и пред се силен влог на меѓународната заедница (читај: Американците), објаснува аналитичарот.

Според Трајанов не треба еуфорично да се прифаќаат идеите за работните групи за инфраструктура, култура итн..

-Имаме министерства во сите тие области и зошто тие не договорат на приоритетите и да започнат со имплементација.Работните групи или комисии можат да ги закочат процесите.Прифатливо е да се започне соработка помеѓу парламентите и на тие средби да се разговара и за апсурдноста на ветото од Бугарија на евроинтеграциските процеси на Македонија, смета Трајанов.

За тоа дали е можно годинава да се изнајде решение по потврдените „тврди “ позиции по одржаната средба на бугарскиот Совет за национална безбедност, според Ранѓеловиќ иако оваа средба додава конфузија во ентузијазмот на новата бугарска Влада, временската рамка е доволен период за кревање на ветото, но и како што вели можност за целосно решавање на спорот.

-Треба да ги дистанцираме тие две содржини. Сепак, поважно е евентуалното решение да биде квалитетно, или ако сакате, достоинствено, по цена и да не биде постигнато во наредните 6 месеци, смета тој.

Аналитичарот Атанасоски вели дека во оваа стеснета рамка, треба да бидеме претпазливи реалисти, додвајќи дека многу фактори се во игра посочувајќи го француското претседателство, и изборите во Франција на пролет.

-По нивното завршување, доколку официјален Париз има искрена заинтересираност за деблокада на преговорите на Македонија, но и Албанија да не ја заборавиме како колатерална штета на бугарското вето кон нам, тогаш можно е да се издејствува почеток на јунскиот самит, но се уште е рано да се прогнозира. Неодамна во колумна напишав дека е потребен нов, трет „Дојрански“ договор, после Охридскиот и Преспанскиот, со кој ќе се уредат квалитативно и долгорочно односите со Бугарија, бидејќи сме во тотален ќор-сокак. Ад Хок решенија не се посакувани, бидејќи истите доколку се климави и избрзани, во иднина можат пак да предизвикаат незадоволства и повторни блокади на патот кој ЕУ. Се друго би било катастрофа, и катастрофално-ужасната надворешна политика која Бугарија во моментов ја води кон европската иднина на Западниот Балкан како регион, може да не однесе во еден сосема друг, многу лош, неизвесен правец во кој ваакум просторот од неинтеграцијата на последните шест земји на Западниот Балкан во Европската унија, ќе го пополнат други евроазиски и азиски големи сили (Русија и Кина во прв ред), а тоа неминовно ќе предизвика посериозни и пошироки дестабилизирачки импликации од хибридната војна која ќе се води на наше тло (Зад.Балкан), помеѓу Западните сили (САД и ЕУ) и Русија и Кина од друга страна, објаснува Атанасоски.

Според Трајанов за преговорите со Бугарија треба да имаме платформа, за градење на нашите позиции каде би се вклучиле креативни кадри и опозицијата.

-За носење на тешки одлуки, потребна е политичка храброст и одговорност.Инаку со Резолуцијата на македонскиот парламент,дефинирани се црвените линии,нема преговори за нашиот национален идентитет и македонскиот јазик,како и за постоењето на македонско малцинство во Бугарија.Нашата стратешка цел е членството во ЕУ и од таа определба нема да се откажеме,но мораме да бидеме мудри и трпеливи,вели Трајанов.

Б.М.

Слични содржини