Аналитичари за „Локално“: Вооружувањето на Србија со кинески ракети не е поврзано со руската агресија

од Nikola Popovski
376 прегледи

Во екот на војната во Украина, во саботата наутро во Белград слетаа шест кинески воени авиони Y-20, а се шпекулира дека им биле доставени кинески противвоздушни ракетни системи FK-3.

Американската агенција АП наведе дека ракетните системи биле испорачани „полутајно“, што ги зголемува стравувањата од акумулација на оружје во Западен Балкан за време на војната во Украина. Србија е и првата европска земја која има вакви кинески ракети, пишува АП. Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека станува збор за „редовна воена испорака“ која е дел од годишниот план за соработка меѓу двете земји, дека не влијае на трета страна и дека нема никаква врска со моменталната ситуација.

Политичкиот аналитичар од Србија, Зоран Чворовиќ во разговор за „Локално“ вели дека само времето на испорака на кинескиот ракетен систем сосема случајно се совпаднал со почетокот на руската воена операција во Украина.

-Србија ја склучи оваа набавка во 2019 година. Самиот кажавте дека ова е одбранбен систем кој треба да ја заштити Република Србија од надворешна агресија. Многу фактори влијаеле на забрзаното зајакнување на воениот потенцијал на Србија. Како прво искуство со криминалната агресија на пактот на НАТО врз СРЈ во 1999 година, како и агресијата на пактот на НАТО врз Република Српска во 1994 година, сите беа земени предвид при правењето планови за модернизација и зајакнување на борбените способности на српската војска. Територијалниот интегритет на Србија и понатаму е под закана, бидејќи поранешниот агресор – пактот на НАТО или неговите водечки членки – станаа главен заштитник на сепаратистичкиот режим во Приштина. Секоја држава која се соочува со сепаратизам на своја територија и чиј територијален интегритет не го почитуваат одредени важни членки на ОН, неизбежно мора да ја зајакне својата армија, смета Чворовиќ.

Иако воената операција на прв поглед изгледа како војна меѓу Русија и Украина, според бројот на учесници и употребените средства, веќе може да се зборува за нова светска хибридна војна, која моментално се води само на територијата на Украина помеѓу политичкиот Запад и Русија, додава аналитичарот.

-Во моментов не е на повидок дека нивната воена конфронтација ќе заврши во догледна иднина. Тоа значи дека светот влегува во период на општа нестабилност, можеби дури и во следните десет години. Ова е последниот и можеби најважниот фактор што ја наметнува потребата од независна држава, особено ако е на Балканот и ако неодамна е предмет на агресија, брзо да ја зајакне својата армија, оценува Чворовиќ.

За тоа колку е ова отстапување од страна на Србија и Вучиќ од западните стандарди, Чворовиќ вели дека Србија прогласи воена неутралност, па нема обврски кон ниту еден воен блок или држава и нема никаква врска со политиката за пристапување во ЕУ.

-Во спротивно, ако влезот во ЕУ е поврзан со воените обврски на Србија, тогаш ЕУ е обична цивилна гранка на НАТО пактот, а потоа Србија, како и другите земји, ќе ја преиспитаат својата пристапна политика. Суверено право на државата Србија е да одлучи кога ќе купи оружје. Јасно е дека продажбата на оружје и воена опрема е профитабилна за секоја земја, а особено за САД, кои својот економски и финансиски подем во 20 век го должи пред се на Првата и Втората светска војна и позајмувањето на завојуваните европски земји од банки на Волстрит. Така е и денес. Додека војната во Украина ќе биде вистинска катастрофа за ЕУ, САД ќе имаат корист од тоа, но во овој случај, по секоја веројатност, само на краток рок. Гледано од аголот дека оружјето и војната отсекогаш биле, а особено денес, голем бизнис, суверено право на купувачот е да одлучи кому ќе ги даде парите. Особено што САД денес немаат, како пред две децении, никаква можност некого да присилуваат или уценуваат, наведува аналитичарот.

Околу изјавите на косовскиот премиер Албин Куртин за вооружувањето на Србија, Чворовиќ вели дека со купувањето на кинеска противвоздушна одбрана Србија решила да се приближи до земјите од попросперитетниот регион на светот – Азиско-пацифичкиот и да му сврти грб на атлантскиот басен, кој неминовно ќе стане периферијата на светот.

-Сепак, рано е за вакви оценки. Факт е дека Србија во наредните денови и месеци ќе биде изложена на притисок од Западот и неговите локални портпароли за промена на повеќевекторската политика во политика на исклучиво потпирање на Вашингтон и Брисел. Настаните во Украина покажуваат колку е опасно исклучивото потпирање на едната страна, бидејќи во сегашниот мултиполарен свет, таквата загуба на рамнотежа на односите може да се плати со губење на независноста. Особено на Балканот, каде што сите три глобални центри на моќ, Вашингтон, Москва и Пекинг, имаат свои легитимни интереси. Украина покажа колку е опасна илузијата дека НАТО може да заштити нечија независност, а балансираната политика на Унгарија во украинската криза покажува дека Будимпешта сфатила дека дури и на членките на НАТО е подобро да водат балансирана политика. Со еден збор, допрва доаѓа времето за афирмација на мултивекторска надворешна политика на Балканот, појаснува аналитичарот.

Косово и Метохија не се во никаква директна врска со настаните во Украина, вели Чворовиќ како одговор на прашањето дали и Косово треба да стравува за својата безбедност.

Според него, „оние кои се плашат од западната хемисфера од рускиот империјализам и српскиот национализам би ја направиле оваа врска реална, а да не заборавиме дека русофобијата и нејзината помлада роднина србофобија потекнуваат од политичката кујна на официјален Лондон во 19 век“.

-Токму Лондон беше главниот дестабилизатор на Балканот во 19 и почетокот на 20 век, со неговото мешање во балканската ситуација, задушувањето на национално-ослободителните движења на Балканот и вештачкото одржување на „пациентите од Босфорот“. Денес, улогата ја презеде САД, кои не дозволуваат балканските политичари да склучат договор без нивно покровителство. Албанците од Косово и Метохија не треба да се плашат од државата Србија, туку од САД, кои ги турнаа во војна против државата Србија во 90-тите. Како што во Украина, САД водат војна против Русија до последниот Украинец, така лесно би можеле да водат инсценирана војна во Србија или Македонија до последниот Албанец, Србин или Македонец. Страв може да постои меѓу водачите на албанското сепаратистичко движење, поранешните команданти на ОВК и водачите на криминалните кланови, бидејќи настаните во Украина јасно покажуваат дека нивниот творец и заштитник ја изгубил моќта што ја имал во 1990-тите. Ним им е јасно дека ерозијата на влијанието на Вашингтон на Балканот ќе почне, многу порано отколку во Централна и Западна Европа и тогаш со право се загрижени. Албанската заедница во Косово не смее да биде заложник на уценети поединци со валкани досиеја. Колку е тоа опасно покажуваат настаните во Украина, заклучува Чворовиќ.

Според Фатмир Шеноли, политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, Србија во последните неколку години купува оружје од Русија, а сега е и од Кина.

-Тоа е спротивно на аспирациите за интеграција во ЕУ. Мислам дека и ЕУ и САД остро ќе реагираат и ќе укажат дека Србија не може „едната рака да ја држи баклавата, а другата во шампитата“!, оценува Шеноли.

Тој појаснува дека Вучиќ и Србија ќе треба да одлучат дали ќе бидат „со ЕУ и САД или со Русија“.

-Вучиќ ќе биде под огромен притисок да одлучи. Никој не и се заканува на Србија да се вооружува, па прашање е од кога се плаши или планира нешто друго како единствен сателит на Русија на Западен Балкан!?, прашува Шеноли.

Аналитичарот смета дека Вучиќ ја чувал во тајност оваа испорака од Кина, иако количината на оружје пристигнала пред српските избори.

– Последниот случај кога поранешниот швајцарски сенатор Дик Марти пред само два дена обелодени пред светската јавноста дека бил информиран од швајцарската тајна служба дека негова ликвидација подготвувала Српската тајна служба за да ги обвини косовските Албанци, покажува дека Србија никогаш не ја променила методологијата за ликвидација на луѓе, а тоа покажува дека Косово треба да биде многу внимателно и заедно со своите сојузници да биде многу подготвено за својата иднина, категоричен е Шеноли.

Н.П.

Слични содржини