Анализа на Марковски за „Локално“: Бразил фаворит за освојување на Мундијалот, Србија со Пикси може да изненади

од Nikola Popovski

Катар е домаќин на Светското првенство во фудбал во 2022, а поради превисоките температури кои се во јуни и јули во таа земја, кога традиционално се одржува Мундијалот, е преместено во месеците ноември и декември. Ова е првпат во историјата на светските првенства вакво натпреварување да се одржува сред сезона додека траат националните фудбалски првенства ширум планетата. Почетокот е закажан за в недела 20-ти ноември и ќе трае до 18-ти декември.

Поранешниот македонски репрезентативец Љупчо Марковски-Калц во анализа за “Локално“ укажува дека за сите е малку необично тоа што еден ваков фудбалски настан се одржува на средина од сезоната.

-Непознаница е сигурно затоа што видовме и самите до пред недела се играа првенства, каде што се игра на високо ниво и играчите, добар дел од нив се повредија. За еден играч е голем удар доколку не игра на Светско првенство, ако е успешен. Но така диктира и ситуацијата, немаат време ни да се опорават. Реално до последно никој не знаеме кој во каква форма е како репрезентација и како систем. За прв пат е чудно, ќе видиме што ќе донесе, вели Марковски.

Според него, одеднаш „се пресекуваат“ првенствата, како и Лигата на шампиони и Лига Европа.

-Лично јас не чувствувам еуфорија како е кога би било на крај на сезона. Чудно е, истакнува Марковски, кој информира дека на СП ќе навива за Аргентина, поради „тоа што играат фајтерски фудбал“.

Околу неговите предвидувања за конечниот пласман и кој е фаворит, а кој би бил изненадување на Мундијалот, поранешниот репрезентативец истакнува дека Србија за прв пат има квалитетна репрезентација и хемија во таборот.

-Иако исто како кај сите балкански земји им се случуваат некои несакани работи како избор на претседател на Федерација, па некои полемики, мислам дека Драган Стојковиќ-Пикси (селекторот на Србија) сепак е тој што им недостигаше со години, што може да држи внатре атмосфера во екипата. Тоа функционира добро, но интересно е за нив сигурно дека ќе биде предизвик да се помине групата. Ваквата група со Бразил, Швајцарија и Камерун е малку специфична, затоа што реално тие со Бразил треба да загубат, а се понатаму ќе им биде за „живот или смрт“, потенцира Марковски.

Тој оценува дека Бразил е најголем фаворит за СП, додека за германската репрезентација вели дека е непознаница.

-Од резултатите што ги прави, час ќе блесне, па ќе изгуби од Унгарија, па од некој друг. Англија секогаш иде со големи амбиции и добра е репрезентација. Аргентинците исто така така не треба да се потценат. Белгија игра секогаш добро, но до тоа четврфинале. Тука им е тој критичен момент. Светските првенства си носат свои херои и нови репрезентации што ќе се пробијат, но мислам дека овој пат кругот е тој отприлика. Хрватска игра добро, ама се е некако во магла. Неизвесно ќе биде, анализира трофејниот фудбалер кој има 149 настапи за скопски Вардар и 30 настапи за сениорската фудбалска репрезентација на Македонија.

На Италија и се случи трагедија и нема да биде дел од овој Мундијал, откако испадна од нашата репрезентација во баражот, а Марковски за тоа вели дека доколку Македонија после „Азурите“ ги елиминираше и Португалија, требаше веднаш да го добие трофејот.

-Реално овој систем на бараж може да носи изненадувања. Сепак се губи со недостатокот на Италија, голема репрезентација со трофеи, играчи, успеси. Ќе недостасуваат за сите гледачи од страна, нагласува популарниот „Калц“.

Н.П.

Слични содржини