Реал Мадрид ја започна сезоната во Ла Лига со тешка победа на гостувањето кај новајлијата Алмерија (2:1). „Лос Меренгес“ мораа да направат пресврт откако примија рано гол, но ги освоија трите бода со погодоците на Лукас Васкез и Давид Алаба. Тренерот Карло Анчелоти призна дека неговата екипа се претставила разочарувачки до паузата, но потоа направила се што е потребно за да победи.
„Лошо го започнавме натпреварот. Ни недостигаше свежина и не бевме брзи во нападите. Упативме многу шутеви, но ни беше тешко да влеземе во чисти позиции. Во вториот дел домашните се изморија, ја контролиравме играта и создававме повеќе шанси“, коментира Анчелоти.
„Слободниот удар требаше да го изведат Бензема или Крос, но Алаба навистина сакаше да шутира. Тој инсистираше промената да се направи побрзо за да може да шутира. Не беше лесно да им се каже на Бензема и Крос да се откажат од ударот. Се шегувам“, продолжи италијанскиот стручњак.
„Ридигер играше многу добро, тој е искусен фудбалер. Младите тренираат напорно и ја заслужуваат својата шанса. Но притисокот им отежна и не покажаа на што се способни. Тоа е нормално бидејќи дресот на Реал Мадрид тежи. Среќни сме што ја плативме таа цена бидејќи момците се талентирани. Го заменив Камавинга поради жолтиот картон, не сакав да останеме со човек помалку“, објасни Анчелоти.
„Асенсио е наш играч. Не смееме да заборавиме колку беше корисен минатата сезона. Има уште време до 31 август. Лукас Васкез? Тој е еден од оние луѓе кои секогаш се подготвени да настапат и да помогнат. Неговиот гол беше многу важен. Азар физички се чувствува одлично, се труди и мислам дека ќе игра се повеќе“, додаде тренерот на „белите“.