Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска го назначи Владимир Анчев за државен секретар во Министерството за одбрана.
Во Министерството за одбрана тој работи од октомври 2020 година како посебен советник, а од декември 2021 година активно придонесува во функционирањето на Министерството како државен советник.
Анчев, соопштија од МО, во својата кариера има работено на бројни менаџерски позиции во јавниот и во приватниот сектор. Во речиси дведеценискиот работен ангажман има стекнато искуство во доменот на меѓународната соработка и менаџментот на човечките ресурси – првенствено во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како соработник за меѓународна соработка, а потоа и во Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за информатичко општество и администрација каде фокусот го става на развојот на софтвер за управување со човечки ресурси за 1.300 институции, како и воведување и одржување на стандарди за управување со квалитет.
Работната кариера ја продолжува во приватниот сектор како менаџер за човечки ресурси, каде го води процесот за воведување на оддел за човечки ресурси и подготовка на правилници за внатрешна организација, како и анализа на трудот и спроведување на функционална анализа.
Анчев имал организирано голем број обуки од областа на менаџментот со посебен фокус на човечките ресурси. Член е на Македонската асоцијација за човечки ресурси и Регионалната школа за јавна администрација и автор на поголем број истражувачки трудови посветени на развојот на системот за јавна администрација.
Дипломирал право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.