Виктор Андонов, соработник за енергетика на Владата на денешната прес-конференција подвлече дека во текот на вчерашниот ден, јавноста беше информирана од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, за начинот на обезбедување на поевтина електрична енергија, за таргетираните сектори, како што се прехранбениот сектор, комуналните претпријатија и образовните институции, кои се важни за секојдневното функционирање на граѓаните.
Андонов упати апел до компаниите кои се дел од наведените сектори да се пријават за субвенционирана електрична енергија, која ќе ја добиваат од ЕСМ Продажба. Тој подвлече дека сите потребни информации во однос на постапката за аплицирање, како и за роковите, се наоѓаат на официјалната веб страна на ЕСМ.
„Прехранбениот сектор, односно производство на основни продукти, млеко, месо, леб, масла и друго ќе добиваат електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час, со цел намалување на цената на основните производи за живот. Намалувањето на цените, на одредени производи веќе може и да се забележи како што објавија дел и од медиумите. Ова е дел од ветувањето на Владата дека храна оваа зима ќе има за сите”, истакна Андонов.
Тој оцени дека сите мерки за стабилизација и намалување на цените навреме се преземаат и даваат резултат.
На прес-конференцијата соработникот Андонов истакна дека комуналните услуги, кои се важни за секојдневното нормално функционирање на граѓаните се обезбедени, преку поевтина електрична енергија за комуналните претпријатија кои вршат дејност снабдување со вода. Тие ќе добиваат електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, со што испораката на вода е гарантирана.
„Децата ќе продолжат да одат во училиште, го слушнавме апелот на родителите, како и шпекулациите дека училиштата ќе затворат поради проблемот со енергенси и цените на електричната енергија. Обезбедивме цена од 95 евра за мегават час, за основните и средните училишта да продолжат секојдневно да работат, а децата да продолжат со своите секојдневни училишни активности. За ова вреди да се штеди!”, истакна Андонов.
Соработникот за енергетика упати апел до граѓаните дека промената во навиките е значајна, таа од една страна ќе овозможи голема заштеда без да се наруши комфорот или секојдневието, а од друга страна ќе обезбеди заштеда на ресурсите за производство на електрична енергија, односно тие ќе можат да се пренасочат или употребат на оние на кои најмногу им требаат. Во таа насока, како што истакна, сите треба да бидеме солидарни, за успешно да се справиме со кризата и да им помогнеме на институциите во справувањето со последиците од светската енергетска криза.
„Овие пораки ќе ги упатуваме кон граѓаните секојдневно без задршка, бидејќи немаме друг избор оваа зима, освен рационално да се однесуваме. Мора да имаме предвид дека државата во моментов располага со енергетски објекти кои се стари и половина век. Во периодот што следува, заради временските услови и заради зголемената потрошувачка на електрична енергија, овие производни објекти ќе бидат дополнително оптоварени, и можни се и неочекувани испади, меѓутоа состојбата секојдневно се следи и за преземените мерки граѓаните навремено ќе бидат информирани”, рече Андонов.