На денешната прес-конференција соработникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов ги презентираше најновите информации за енергетската состојба на земјата.
„Потврда за тоа дека нашата земја добро се справува со кризата пристигна и од заменик-директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, господинот Дирк Бушле кој пред неколку дена го презентираше Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската заедница во земјата пред собраниската Комисија за економски прашања. Во своето обраќање пред пратениците во нашето Собрание тој потенцираше дека Република Северна Македонија има доста успешно ниво на имплементација на законодавството во енергетиката и кажа дека мерките што ги презема Владата во целост се добри мерки и неопходни, како и тоа дека Северна Македонија не е единствена којашто реагираше со субвенции и државна помош, со мерки за ограничување на цените на основните производи, ова е новата реалност во цела Европа бидејќи целиот континент е погоден од оваа криза”, рече Андонов.
Воедно тој истакна дека поддршката од Секретаријатот на енергетска заедница за нашата земја е многу значајна бидејќи тие се наши партнери при креирањето на законските решенија во областа на енергетиката и додаде дека интенцијата на Владата е да ги разгледа сите препораки многу сериозно и во иднина да ја продолжи одличната соработка.
Андонов потенцираше дека ваквите оценки од кредибилни институции во областа на енергетиката се голема потврда на исправноста на енергетските политики што ги спроведува Владата.
„Во месец февруари, од вкупните домашни потреби од електрична енергија дури 90.2% се обезбедени од домашните капацитети за производство на електрична енергија, а само 9% од увоз. Во последните 15 години не се памети кога нашата држава имала ваков обем на покривање на потребите од домашно производство на струја и тоа во зимските месеци. Меѓу другото затоа и пристигнуваат позитивните оценки, затоа што успеваме да ги амортизираме сите потенцијални ризици и шокови што ги наметна кризата со навремени мерки и исправни политики”, рече Андонов.