Употребата на дронови не е нова. Долго време се употребуваат во војната во Украина, а претходно и во војната меѓиу Азербејџан и Ерменија каде што видовме турски дронови. Тоа укажува дека во последно време интензивно се менува и осовременува состојбата на дроновите. Ако порано имаше електронско водење, па можеше со електронско попречување да се срушат и оневозможат, сега имаме оптичко водење дроновите и се потешко да се рушат или спречуваат со мрежи. Во конкретната ситуација и операцијата „Пајажина“, не мора дроновите да бидат лансирани од сопствена територија за да стигнат до определена цел, вели професорот на катедрата по безбедност на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ околу операцијата „Пајажина“ на украинските сили. Според украински извори, вкупно 117 беспилотни летала биле тајно транспортирани на руска територија, сокриени во дрвени контејнери поставени на палети, натоварени на камиони. Контролата и навигацијата со дроновите била изведена од блиски позиции, без знаење на возачите кои ги пренесувале контејнерите. Според информациите, Русија претрпела сериозни загуби и огромни штети, особено во авијацијата.
Андонов истакнува дека дроновите може да се прошверцуваат ако се мали, но и да не се мали, буквално ако успеете да создадете разузнавачка база на територијата на непријателот, може таму да се спроведат бидејќи лесно се склопуваат.
-Генералниот заклучок може да биде дека воведувањето на дроновите како борбени средства бара формирање на единици на дронови како посебен род на војска кој ќе го употребуваат армиите и придонесува до изразито голема промена на современото војување. Ова со „Пајажина“ е стратешки продор и посебно покажува влијание врз тактиката на употребата на борбените единици. Дроновите господарат со просторот и современата технологија господари со просторот и тоа е важен момент во изведувањето на борбените дејствија, посочува соговорникот.
Тој потенцира дека дроновите покажуваат дека се иднина на војувањето.
-Намалувате трошоци во обука на пилоти, тоа никој не го пресметува и колку вие може брзо да обучите нови доколку ви страдаат во воздушни битки. Сега замислете имате дронови кои ги управуваат луѓе од земја. Прашањето е колку ќе може да се развиваат дроновите до нивна големина за носивост на оруже и колку ќе можат да водат непосредба борба – дрон со дрон? Тоа е тенденцијата на развојот и ја менува тактиката на употреба. Тоа ќе биде експресен развој на современите борбени средства, наведува професорот.
Пред една година, во Македонија се најави дека фабриката за муниција „АТО АММО“ во Самоков „наскоро“ ќе го произеде првиот македонски воен дрон. Сепак, остана само на зборови и досега немаме видено ништо во таа насока. Андонов се прашувам дали воопшто имаме ресурси за производство на дронови. Според него, фабрика за муниција не може да произведува дронови бидејќи тие не спаѓаат во делот муниција.
-Дроновите се друг тип на технологија и не знам колку е развиен во Македонија. Тие колку се во делот на воздухпловството, се во делот и на роботиката и вештачката интелигенција. Не знам дали фабриката е способна за да спроведе, но генерално не сум поддржувач на приватни фирми кои треба да излезат на пазар со една таква состојба. Имаме примери на чешки, фински, германски фирми кои произведуваат дронови, но доколку ни треба да воена употреба, повеќе сум поборник државата да го регулира и да биде носител. Таа најпрвин мора во МО во стратегијата за одбрана и во доктринарните документи да внесе употреба на единици на дронови, потоа во наменската индустрија да развие посебен дел, а во рамките на Воената академија да развие воено-технички институт каде што ќе има оддел за развој на дронови и електронска борба. Во тој дел државата може да се вложи средства и тие начелно не се многу средства. Помошните фабрики можат да произведуваат материјали, но во воглавно софтверите треба да ги изработи војската и државата како сопствен влог. Тоа треба Македонија да го има на ум, советува Андонов.
За најавеното зголемување за одвојување на средства за одбраната како што бараат од САД, професорот посочува дека Македонија заостанува многу зад прагот 5% од БДП за одбрана, но луѓето треба да разберат, како и Министерството за одбрана и министерот дека влогот од 5% не е влог во вооружување и опрема колку ќе купиме.
-Тој е развој и на наменска индустрија, обука, активностите во рамките на НАТО, изградба на инфраструктурни стратешки објекти за потребите на НАТО…Ако тоа ние е јасно, тогаш имаме отворено широко поле во вложување на разни области преку одбраната. Тие 5% не треба да бидат дадени директно од Буџетот туку може да бидат и ако се изгради пругата на Коридорот 8, па преку влогот во пругата, во неколку години да го надминеме прагот. Основата на современата АРМ не е во вложување за купување на нови борбени средства туку во промена на размислувањето и употребата, објаснува Андонов.
Запрашан дали треба да се ориентираме повеќе кон производство, а не кон купување, и дали е тоа можно, професорот вели дека тоа зависи за каков тип на оружје се работи. Потенцира дека Македонија нема капацитети и треба многу да се вложи во развој за производство на артилериско вооружување, но не секој вид на такво вооружување.
-Тука можеме да зборуваме за производство на вооружување по лиценца бидејќи во производство на муниција и пешадиско вооружување нема што ново да измислите – единствено ако измислиме да дејствуваме со ласери или електромагнетните бранови. Во класичното пешадиско вооружување нема што ново да измислите. Конструкцијата на муниција е таква. Артелериската муниција ќе биде со класично зрно со проектили со поголем домет и сето тоа може да се произведува и со лиценца, ако зборуваме за минофрлачки орудија и муниција. Ние треба да се фокусираме во производство на лесно оружје кое е прифатливо за нас и доколку АРМ и НАТО имаат потреба да го земат тоа оружје. Истото и за производство на муниција со лиценца за разни калибри, па само фабриките да бидат кај нас, а не за наши потреби. Ние не користиме артилериски калибри преку 105 милиметри. Она што е клучно е развој на дронови и заштитна опрема на припадниците на АРМ, но која може да се користи и во цивилен сектор, анализира Андонов.
Прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од територијата под руска контрола во регионите Запорожје и Херсон по украински напади со дронови. Стотици илјади луѓе останаа без струја. Нападите се случија неколку часа по мировните преговори во Турција на кои Киев и Москва се согласија да разменат затвореници и тела на убиени војници. Украинците песимисти, не очекуваат дека наскоро ќе има мир.
Украинската делегација вчера одново побара безусловен мир и средба на највисоко ниво. „Нашиот предлог е безусловно примирје во воздух, море и копно, најмалку 30 дена. Оваа позиција останува непроменета три месеци и ја сметаме за основа за започнување мирно решение“, изјави Рустем Умеров, министер за одбрана на Украина.
Русија понуди привремен крај на конфликтот и воено ограничена и неутрална Украина без четирите региони што ги анектираше од почетокот на војната. „Украинската страна зборува за потребата од прекин на огнот, прилично генерално. Ние конкретно предложивме прекин на огнот од два или три дена во одредени делови од фронтот. Ова сега ќе го разработат нашите воени специјалисти со украинските“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.
Зеленски од самит во Литванија со Балтичките и Скандинавските земји изјави дека го поддржува предлогот на Ердоган за организирање средба со Трамп и Путин. Од Белата Куќа велат дека се отворени за поканата.
Н.П.