Андонов: Зголеменото домашно производство на електрична енергија клучно за ублажување на последиците од енергетската криза

од Vladimir Zorba
195 прегледи

„Во месец февруари 2023 година, од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино произведени се вкупно 504.338 MWh електрична енергија, и споредено со февруари 2022 година, кога производството на електрична енергија изнесувало 280.353 MWh, преставува зголемување за 80%. Во првите два месеци од оваа година, јануари и февруари, вкупното производство на електрична енергија од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино изнесува 1.065.689 MWh, и споредено со истиот период во 2022 година, кога било 714,362 MWh, и преставува зголемување за 49%”, изјави на денешната прес-конференција соработникот за енергетика Виктор Андонов, каде ги презентираше најновите информации за енергетската состојба во земјата.

Андонов рече дека зголеменото домашно производство на електрична енергија го одржува трендот на пораст, е клучно за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за креирање на мерки за поддршка на најранливите категории на граѓани и на стопанството.

„Денес бевме сведоци и на потпишувањето на грантот од 80 милиони евра од Европската Комисија, токму за справување со енергетската криза, кој беше најавен во октомври 2022 година од претседателката на комисијата, Урсула Фон дер Лајен. Европската Комисија ги слушна нашите барања и на земјите од Западен Балкан, и одобри средства за справување со енергетската криза во овој дел од Европа. Енергетскиот и економски тим во Владата продолжуваат континуирано да ги следат состојбите во сите сегменти од производство на секој киловат час, дистрибуција па се до ефектот што електричната енергија го има во крајните цени на основните производи и како што сте сведоци се преземаат комплементарни мерки со единствена цел – заштитата на животниот стандард”, додаде соработникот Андонов.

Андонов го презентираше дневниот енергетски биланс, и рече дека во текот на вчерашниот ден, вкупното домашно производство на електрична енергија изнесуваше 15,111 Mwh, од кои во термоелектраните произведени се 10,297 MWh, а од обновливи извори 4,814 MWh.

Слични содржини