Андоновска: Втор случај на морбили кај дете од Долно Коњари, одбива да биде вакцинирано

од Nikola Popovski
122 прегледи

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска информираше за втор случај на морбили во Македонија оваа година. Првиот случај бил во месец јуни, потврден во Лабуништа, струшко и исто така се работело за невакцинирано дете.

За вториот случај, Андоновска вели дека на 3-ти септември од Инфективната клиника до ИЈЗ е препратено 12-годишно дете кое било суспектно на морбили, по што била потврдена болеста. Анализите се направени истиот ден и епидемиолошката анкета исто така е направена истиот ден.

-Детето веќе престојувало во подрачје во Нови Пазар, Србија каде што веќе има појава на позитивни случаи. Во семејството на детето има и други пет деца од кои 3 се целосно вакцинирани, а две воопшто не се. Одбиваат да бидат вакцинирани. Дадени се само препораки бидејќи по закон, не следува никаква изолација, рече Андоновска.

Директорката појасни дека според исказите, детето немало многу контакти и не посетувало настава во училиштето во село Долно Коњари, општина Петровец.

-Родителите велат дека детето откако се вратило од Нови пазар, не одело во училиште, ниту неговото братче кое не е вакцинирано. Според нив, контактите биле во кругот на семејството, додава Андоновска.

Според неа, нивната обврска сега е да дадат препораки за изолација. Останува на добра волја на семејството дали ќе бидат почитувани.

Слични содржини