Вие секој ден имате различни изјави за Мицкоски. И повторно навреди и погрдни зборови, наместо аргументи и факти. Вие стартувавте со криминалец, па имам сомнежи, па ќе оставам службите да реагираат, вака Стефан Андоновски, советник во советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ ѝ се обрати на градоначалничката Данела Арсовска на денешната седница на која се дискутира по точка за утврдување на годишниот план за вработување на лица во повеќе јавни претпријатија.
Според Андоновски во ЈП Водовод и канализација наместо 120 луѓе, би требало да се вработат само 30 бидејќи 30 луѓе во 2023 година ќе заминат во пензија, а останатите 90 кои што треба да се вработат би биле вишок.
-Во секоја реченица градоначалничката употребува погрдни зборови за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо тоа, таа би требало да си закачи слика дома од него и да му се моли секој ден, затоа што да не беше тој, таа потписи не можеше да собере а не па да се кандидира за независен градоначалник. На мапа не можеше да ја најдат да не беше Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како поддршка, рече Андоновски на седницата на Советот.