Андоновски: Aрсовска по агресивниот настап побегна, местото на Мицкоски не е во Советот на Град Скопје

од Берта Китинска
256 прегледи

Местото на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е во Советот на Град Скопје, туку во нашата политичка партија каде одлучува за клучни државни прашања, вели за „Локално“, пратеникот и советник во Град Скопје, Стефан Андоновски во врска со денешните изнесени обвинувања од страна на градоначалничка Данела Арсовска кон неговата партија и лидер.

-Градоначалничката, која толку се повикува на транспарентост, по насилниот и агресивен настап во кој немаше одговор, побегна од советниците и нивните прашања. Ова всушност и не е прв пат, таа и во минатото ниту присуствуваше на седниците за советнички прашања, ниту одговараше на било кое прашање на било кој советник.

За работата на директорот на ЈП Водовод, градоначалничката беше демантирана од Европската инвестициска банка која потврди дека сите постапки се правени согласно правилата, препораките и советите на инвеститорите, вели тој.

На повикот на Арсовска кон Мицкоски да не се крие и да дојде во Град Скопје за да каже како што вели таа „што има“, советникот посочува дека местото на нивниот лидер е во седиштето на партијата каде „одлучува за клучни државни прашања“.

-Истовремено, местото на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е во Советот на Град Скопје, туку во нашата политичка партија каде одлучува за клучни државни прашања. Местото пак на градоначалникот е да одговара на прашањата на граѓаните преку избраните советници во Советот. Тоа не го прави затоа што нема одговор за нереализираните проекти дел од програмата за „Модерно Скопје“, нема одговор за поништените јавни набавки, нема одговор за кадровската девастација на градот и уште десетици други прашања кои денес ги поставија советниците од сите советнички групи, појаснува Андоновски.

Јавните обвинувања помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ продолжија и на денешната седница на Советот на Град Скопје.

По двете прашања од двајца опозициски советници во Градот, од СДСМ и ДУИ, третото кон Арсовска го упати Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој зборуваше за тендерот за пречистителна станица тежок, како што рече, 160 милиони евра, поради кој Арсовска го разреши директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински и генералниот секретар Ѓоко Велковски – двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, за кои таа обвини за самоволие и сомнежи за несовесно постапување во набавката и обиди за влијание.

Галески и постави прашање на градоначалничката Данела Арсовска за тоа дали има поврзаност со Акрем Керим, чија компанија од Турција исто така учествувала на тендерот за прочистителна станица со 20 милиони евра пониска понуда, за којуа во медиумите се дознало пред отворањето на понудите.

Арсовска на Галевски одлучи да му одговори усно.

-Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие, кажа Арсовска.

И таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега не е.

-Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер, рече Арсовска.

Б.М.

Слични содржини