Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вчера информира дека од неговото доаѓање на функцијата има нови 120 дигитални услуги, дека се намалени гужвите по шалтерите и дека најбараните услуги за граѓаните, веќе се на дофат побрзо и поефикасно од било кога, а доказ за тоа е, како што вели, зголемувањето на месечните корисници од 1000 на 6000 корисници.
„Бројката се зголемува од 1000 трансакции месечно на 6000 трансакции месечно, многу јасно зборува колку луѓето ги користат електронските услуги многу повеќе од колку што ги користеле во минатото. Исто времено, можам да забележам дека гужвите на шалтерите, барем во Управата за водење на матични книги, не се ништо споредено со она какви беа минатата година“, истакна Андоновски и додаде. „Наша задача е сите услуги од УВМК како венчавка, регистрација на новороденче, па и закажувањето на венчавка, да го пренесеме на националниот портал uslugi.gov.mk. Ние имаме ветено во програмата на партијата, дека една од првите услуги коишто ќе бидат крупни и дигитализирани е регистрацијата на новороденче и до крајот на годината и таа ќе ја решиме“, рече Андоновски.
Во однос на измените на Законот за електронски документи, Андоновски нагласи дека сега електронскиот документ е прифатен исто како и хартиениот, што е уште едно реализирано ветување пред граѓаните. Со отворањето на 3 нови ЕТУ во Македонија, министерот истакна дека сите граѓани имаат пристап до услугите, без разлика дали имаат електронски уред или не.
„Според мене дигитализацијата треба да им помогне на сите, не само на оние кои што ќе се снајдат, туку ние треба да се снајдеме за нив. Затоа и имаме отворено во една година 3 нови центри, додека сите изминати години се отвориле 5 центри. Во наредниот период ќе имаме нови 3 центри, а до крајот на годината мислам ќе го исполниме ветувањето од 10 нови центри во државата. И тие центри се малку и да ги едуцираат граѓаните’’, потенцираше Андоновски во синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Една година Влада“.