Новиот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски утрово информираше дека укинувањето на механизмот „балансер“ ќе се одвива во фази. Според него, првата фаза е враќање на законските основи на пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологија, ќе се оди кон целосно укинување, при што, како што вели, целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот и соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Андоновски рече дека со ова ќе биде ставен крај етникумот да биде приоритет во вработувањето, туку професионализмот, квалитетот и образованието.
Mинистерот истакна и дека Управата за водење матични книги целосно ќе се дигитализира и смета дека таа институција која во надлежност го има Регистарот на населението, како и надлежноста за раководење и дигитализација на матичните книги, односно Управата треба да биде под надлежност на Министерството за дигитална трансформација.
Механизмот „балансер“ почна со примена во 2016 година со цел да се исполни уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Преку оваа алатка се врши електронски распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност.
Во Македонија членството во одредена заедница е индивидуален избор, а самодекларацијата е единствениот релевантен показател за нечија етничка припадност, што, пак, остава дополнителна можност за злоупотреба на инструментот. Лани, Државната комисија за спречување на корупцијата изрази загриженост дека примената на оваа алатка директно влијае врз интимните чувства на граѓаните, поврзани со нечија етничка припадност, а често, само за да се вработат во јавната администрација, апликантите се самоидентификуваат како што е наведено или потребно во јавниот оглас.
-Европската Унија е таа која препорачува да се укине балансерот, алатката која одредува вработување државни службеници по етничка припадност, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски.