Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерки за претпазливост против 10 лица поврзани со акцијата спроведена во КПУ Затвор Скопје, донесе решенија со кои:
По произнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, како и ценење на приложените факти и докази, Го прифати предлогот и на 10 лица им определи мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1 точки 1, 2, 3, како и точки 6 и 7 од ЗКП за одредни обвинети.
Тоа подразбира забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице во судот, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање на определени работни активности, а кои се поврзани со кривичното дело.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
МВР синоќа соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против десет лица и тоа: Ф.А. (42) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ и „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 од КЗ, С.К. (53), П.А. (40), Ѓ.Р. (34), С.П. (48), Т.Н. (37), Е.О. (46), З.М. (35), К.В. (34) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ, како и против С.К. (33) за сторено кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 став 1 од КЗ.