Android Pie е тука – побрз и поинтелигентен

од desk2
75 прегледи

Android Pie, новата верзија на мобилниот оперативен систем на Google, порано наречена Android P, пристигна вчера со смартфоните Pixel на гигантот во интернет пребарувањето. Google ја објави за прв пат платформата во март, по што демонстрира некои нејзини карактеристики на годишната I / O конференција за развивачи во мај.

Членовите на програмата Android Beta кој дава пристап до претходни верзии на оперативниот систем, ќе добијат надградбата до крајот на оваа есен, ако имаат уреди од Sony Mobile, Xiaomi, HMD Global, Oppo, Vivo, OnePlus и Essential. Google соопшти дека работи со други партнери за да стартува или надгради уреди со Android Pie дури и оваа година.

Google обично ги именува новите верзии на Android по азбучен ред и по нешто слатко. На пример, претходната верзија на Android беше наречена Oreo која ја наследи Nougat, претходно беа Marshmallow и Lollipop. Официјалното име на новата платформа е Android 9 Pie, или само Android 9.

Android е доминантен мобилен оперативен систем во светот, инсталиран на скоро 9 од 10 паметни телефони испорачани на глобално ниво. Значи, ажурирањата на овој софтвер може да сигнализираат промени во начинот на кој повеќето луѓе во светот ги користат нивните телефони.

Android Pie се фокусира најмногу на подобрувањата „зад сцената“, наменети да ги натераат телефоните со Android да работат побрзо, додека истовремено ја штедат батеријата. Тоа вклучува алатки за вештачка интелигенција, кои работат тивко во позадина за потребите на апликациите.

Значајна надградба во Android Pie е поддршката на „notch“ екрани, слични на екранот на iPhone X. Тоа не значи, се разбира, дека секој иден телефон со Android ќе има „исечен“ дизајн, но Google има направено така што апликациите да работат непречено на уреди со такви дисплеи.

Исто така Android Pie ги следи стапките на iPhone X со поддршка на поедноставен стил за навигација, кој се потпира само на едно централно копче – за враќање на почетната страница, отворање на последните апликации и повик на гласовниот помошник на Google, како и на копчето за враќање, кога треба да го користите.

Се разбира, не секој производител на смартфони е должен да ги користи новите функции на Android Pie, но поддршката и упатствата на Google за навигација со гестови значат дека апликациите ќе работат подобро на овој начин. Производители како Motorola и Xiaomi веќе го интегрираат управувањето со гестови во своите уреди.

Android Pie додава т.н. „адаптивна батерија“, која ветува дека ќе ги направи телефоните со Android поефикасни, особено постарите или поосновните модели со побавни процесори отколку што се способни да го направат тоа најбрзиот чипсет Qualcomm Snapdragon 845 или Kirin процесорите на Huawei. Адаптивната батерија дава приоритет на апликациите кои ги користиме најмногу, и ја ограничува моќта на батеријата за апликации кои ги користиме помалку.

За зависници од паметни телефони, Android 9 воведува алатки кои ќе им помогнат да го користат телефонот поретко. Новата командна табла покажува колку долго се користи уредот, како и времето поминато на индивидуални апликации. Исто така, пристрасните корисници ќе можат да одредат временски ограничувања за тоа колку долго да користат одредени апликации.

Оваа нова функција доаѓа како одговор на потрагата за надминување на зависноста од технологијата. Луѓето ги проверуваат своите телефони во просек 47 пати на ден, според истражувањето на Deloitte објавено во ноември минатата година. Претходно оваа година, Apple претстави слична карактеристика на новата iOS 12 платформа, а минатата недела Facebook и Instagram покажаа алатки дизајнирани да им помогнат на корисниците да се „одморат“ од апликациите.

Но, додека Google ги собира сите овие нови функции во Android Pie, компанијата има голем предизвик: да се увери дека луѓето всушност ќе добијат пристап до новите алатки на Pie. Бројните хардверски и телеком партнери на Android сакаат да креираат свои надградби на платформата. Да ги натераат да се ажурираат до тековната верзија на Android е постојана главоболка за Google – тоа е проблем кој индустријата го нарекува „фрагментација“.

Статистиката покажува дека во последниот месец само 12,1% од корисниците на Android ја користеле најновата верзија на системот – Oreo. Поголемиот дел од нив, речиси 75%, работат со три претходни верзии: Nougat, Marshmallow и Lollipop. Најстарата од овие верзии, Lollipop, беше пуштена за првпат во 2014 година. За споредба, 81% од корисниците на Apple ја користат iOS 11 – актуелниот оперативен систем за iPhone и iPad.