Аневски не знае како СЈО ќе се вклопи во јавнообвинителскиот систем

од desk3
99 прегледи

 

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски денеска изјави дека во моментов во Македонија има две јавни обвинителства и оти не знае како во иднина Специјалното јавно обвинителство ќе се вклопи во јавнообвинителскиот систем во земјата. Аневsки, кој денеска го претстави Извештајот на Советот пред собраниската Комисија за политички систем, ја повика специјалната обвинителка Катица Јанева на соработка и заради, како што рече, заедничко постигнување на владеењето на правото.

anevski-860x680

– Не знам како ќе се вклопи Специјалното јавно обвинителство во иднина во јавнообвинителскиот систем бидејќи Уставот како највисок правен акт предвидува во член 106 дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела со закон. Во овој случај сега имаме на еден начин две јавни обвинителства, рече Аневски.

Неговите очекувања биле дека Советот на јавни обвинители и Специјалното јавно обвинителство ќе имаат одлична соработка по изборот на Јанева и оти законот целосно ќе се почитува.

– Ако го прочитате добро член 7 особено ставот 3, и ставот 1, кажува дека тоа обвинителство одговара пред Собранието, а за својата професионалност, стручност и за законските дејствија што ги презема ќе одговара пред Советот на јавни обвинители. Ние ја почитуваме автономијата, меѓутоа таа мора да го почитува член 7 став 3, рече Аневски. Кажа дека иако била повикувана Јанева дошла на само една седница кога информирала дека нема да одговара на прашања и да присуствува на работата на Советот.

– Сметам дека во иднина ова ЈO треба да соработува со Советот на јавни обвинители и заради заедничко постигнување на владеење на правото, рече Аневски, кој за СЈО зборуваше одговарајќи на прашање на пратеник.

Изнесувајќи детали за работата на Советот на јавните обвинители, Аневски посочи дека во Македонија недостигаат 62 обвинители и оти поради тоа има неажурност на обвинителствата. За да се надмине оваа ситуација и да се постигне застапеност на сите етнички заедници, во септември ќе има нов оглас за прием на шеесетина кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. На претходниот оглас се примени 37, од кои шестмина Албанци и еден Влав.

Минатата година до Советот биле поднесени 166 претставки и поплаки за работата на јавните обвинители и обвинителствата, а најмногу од нив биле за Основното јавно обвинителство во Скопје поради неажурност, што според Аневски се должи на недостиг на кадар. /МИА

Слични содржини