Ангажманот во МО не е прекинат, Богојески вели: „Навикнат сум да ме малтретираат неранимајковци во политиката“

од Берта Китинска
651 прегледи

Второстепена комисија на Агенција за администрација има донесено одлука политичарот Петар Богојески да биде деградиран од својата работна позиција во Министерството за одбрана по, според него, искажан личен става на својот Фејсбук профил.

-Комисијата на Агенција за администрација, која како и првостепената е составена од мнозинство членови, перјаници на СДСМ. Тие заедно во седиштето на таа партија се договараат што да прават, а треба по закон да се контролираат една со друга. Се е во стилот, кадија те тужи, кадија те суди! Во мојот случај СДСМ те тужи, СДСМ те суди! Станува збор за моите политички ставови, кои се спротивни од тие на власта. Им смета мое присуство на политичка сцена. Искористен е еден мој статус за Израел и Палестина и мој коментар под тој статус, поточно споделен скрин. Смешно е и срамота да се коментира. Мијалков и Камчев се на слобода, Груевски ужива на Дунав, а јас сум суден за МИСЛЕЊЕ на ФБ. Срам и јад да те фати, објаснува Богојески за „Локално“.

Тој вели дека во моментов е на боледување, но има голема желба да започне со сите работни ангажмани, не само во МО, туку и во приватниот бизнис.

-Тоа покажува дека трулиот систем, режимот на Груевски не бил поразен, туку само променил газда. Наместо Груевски, доаѓа Заев, а системот, методите и целите се исти! Да се одржува власта преку режим, поткупи, закани, уцени! Јас сум жртва во двата периоди, така да сум навикнат да ме малтретираат неранимајковци во политиката. Во моментов сум на боледување, но имам голема желба да започнам со сите работни ангажмани, не само во МО, туку и во приватниот бизнис. Исто да се вратам на семејните обврски со децата. Морам да потенцирам дека во моменти кога беше загрозен мојот живот, Шеќерка испраќаше инспекции по клиники, да вршат притисок врз докторите да не ме лекуваат, односно да истражуваат од што тоа јас се лекувам. Срам им беше на професорите да коментираат. Чемер и јад. Брука. Под нивото на Гоца од МВРО! , објаснува политичкиот активист.

Покрај оваа постапка во декември 2021 година МO има покренато уште една дисциплинска постапка за Богојески кој вели дека повторно станува збор за статус објавен на социјалните мрежи, за кој објаснува дека власта го обвинува и прогонува за политички и верски убедувања.

-Овој пат сум споделил линк од медиум со мој културен коментар, согласно моите политички убедувања. Но власта нашла за основ да ме обвинува и прогонува за политички и верски убедувања. Очигледно им смета мојот изразен верски идентитет и политички интегритет. Навистина немам информации до каде се со таа постапка, Ве молам да се обратите на Министерството, особено на државниот секретар, кој наместо да одговори на обвинувањата во јавноста за тежок криминал во кој наводно учествувал, тој се занимава со прогон на политички неистомисленици. Мојот случај е само еден од десетици такви во МО. Се прогонуваат луѓе од сите опозициски партии, за разни глупости и режирани дисциплинки. Веќе и тие излегуваат во јавност. Имаме и одлуки на Комисијата за дискриминација, која констатирала дискриминација во МО од страна на Шеќерка и Дражо, објаснува тој додавајќи дека нема да се предаде на „бандите“ и дека битката ќе ја продолжи.

-Додека сум жив ќе се борам со вакви банди, до полна демократизација и слобода на Македонија! Нема назад, борбата продолжува!, подвлекува тој.

Од Министерството за одбрана во изјава за „Локално“ велат дека ангажманот на Богојески не е прекинат и дека се работи за распоредување на едно звање пониско според Законот за административни службеници.

-Во 2021 година, е поведена и завршена постапка во прв степен во Министерството за одбрана за дисциплински престап за административен службеник, распореден на работно место: државен советник, по член 73 став 1 точка 22) за однесување спротивно на одредбите на Кодексот од Законот за административни службеници, и е изречена дисциплинска мерка- Распоредување на работно место во непосредно пониско ниво, од член 73 став (2) алинеја 2, од Законот за административни службеници.Во месец декември 2021 год. е поведена дисциплинска постапка за дисциплински престап за истиот административен службеник, распореден на работно место: државен советник, по член 73 став 1 точка 22)за однесување спротивно на одредбите на Кодексот, од Законот за административни службеници. Постапката е покрената по однос на пријава на надворешен субјект за изнесување на навреди и невистини на социјалните мрежи, велат од министерството појаснуваќи дека постапката се уште не е завршена.

Во однос на втората постапка од министерството информираат дека е во постапка во прв степен во Министерството за одбрана и е изречена дисциплинска мерка- Распоредување на работно место во непосредно пониско ниво, според член 73 став (2) алинеја 2, од Законот за административни службеници.

-Лицето има поднесено жалба која заедно со одговор од Министерството е уредно и во рок доставена до Комисијата за одлучување по жалби и приговори во Агенцијата за администрација. Комисијата во оваа Агенција има донесено Одлука со која оваа жалба се одбива како неоснована и се потврдува Решението на Министерството за одбрана. Одлуката на Комисијата е уредно доставена и примена од страна на полномошникот на лицето за кое се интересирате.Ангажманот во МО не е прекинат. Се работи за распоредување на едно звање пониско според Законот за административни службеници, посчуваат од министерството.

Б.М.

Слични содржини