Ангелоски на бизнис самит во Богота, Колумбија: Македонија е мала земја, но со големи можности

од Stefanija Kuzmanovska
164 прегледи

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски присуствува на меѓународниот бизнис самит која во организација на најпрестижната и најголема деловна мрежа во светот, Интернационалната стопанска комора ICC се одржува во Богота, Колумбија од 27 февруари до 02 март 2023 година. На настанот учество земаат околу 2.000 високи претставници на бизнис заедниците од триесетина земји од Африка, Азија и Средниот Исток, Европа и Америка кои преку дебатите и дискусиите во текот на панели, Б2Б состаноци и други бизнис настани разговараат за современите трендови за раст и развој на бизнисите и економијата, се вмрежуваа и ги разгледуваа можностите за унапредување на економската соработка.

Претседателот на Сојузот, Ангелоски во своите обраќања и дискусии се осврна на поволната деловна клима во нашата земја, но и на заедничките можностите кои ги нуди Западен Балкан како регион со свои карактеристики и предности.

„Ниските трошоци, одличната географска поставеност и погодните климатски услови ја прават Македонија, но и целиот Западен Балкан исклучиво атрактивен за странски инвестиции. Нашиот пазар за инвеститорите од Африка, Азија и Блискиот Исток може да биде влез на милионскиот пазарот на ЕУ. Како гранки со најголем потенцијал може да ги издвоиме индустријата, IKT, туризмот, земјоделството, винска индустрија. Македонија е мала земја, но нуди големи можности“, истакна Ангелоски на панелот во кој учествуваше заедно со претседателите на стопанските комори од Франција, Белгија, Германија, Италија, Романија и од Швајцарија.

Тој се осврна и на едноставните процедура за отворање на компанија кои постојат во нашата земја, како и на силната определба и напори кои се преземаат за создавање на подобро бизнис окружување и за зголемување на можностите за бизнис.

На самитот кој трае четири дена се одржуваат и сесии за лидерство и идни трендови кои ќе ги ремоделираат различните индустрии и ќе создаваат револуционерни компании и производи, акцент се става и на иновации и дигитализација, а се дискутира и за алатки кои ќе им помогнат на малите и средни претпријатија подобро да се позиционираат во меѓународниот пазар.

Меѓународни предавачи и претприемачи пред учесниците на самитот имаат презентации за тоа како можат малите и средни претпријатија да ги искористат придобивките од дигитализацијата и ги постават иновациите во основата на нивната деловната стратегија, како приватниот сектор може да придонесе за постигнување на глобалните цели на ООН и кои се придобивките од градењето на култура за прифаќање на промени и иновации.

Слични содржини