Ангелоски: Потребна е ефикасна енергетска транзиција за спас од банкрот и од загадување

од Stefanija Kuzmanovska
191 прегледи

Во наредната година треба да се сконцентрираме на рационализација и реформи во јавниот сектор, енергетскиот сектор, економијата и окружувањето за водење на бизнис за да отвориме една подобра перспектива за идните генерации, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски во интервју за телевизија „Сител”.

„Да направиме една квалитетна анализа, да видиме каде сме можеле подобро да реагираме, каде сме можеле да направиме подобрување на ситуацијата и во наредниот период овие грешки да бидат поправени. Неопходно е да се промени пристапот, кризите треба да ги пресретнуваме, а не да делуваме задоцнето кога се веќе во акутна фаза, бидејќи мерките кои тогаш се преземаат немаат значителен ефект”, истакна Ангелоски.

Во интервјуто тој се осврна на проблемите кои произлегуваат од енергетскиот сектор, поврзани со високата цена на електрична енергија и загадувањето кое е особено изразено во последниот период.

„Обезбедувањето на електрична енергија по поволна цена за производителите на прехранбени производи го поздравивме бидејќи сметаме дека беше позитивен чекор кон обезбедување на одредена ценовна стабилност на основните производи. Компаниите кои се членови на Сојузот направија корекции на цените на производите. Но ефектот ќе беше поголем доколку оваа мерка се воведеше порано бидејќи енергетската криза пикот го имаше летото кога компаниите плаќаа многу високи сметки за струја повисоки и до осум пати. Енергетската криза јасно ја потенцираше потребата од големи реформи во енергетскиот сектор, кои ќе го постават на стабилен колосек и ќе гарантираат негова одржливост. Треба да го следиме она што го прави целиот разумен свет и брзо, ефикасно и квалитетно да пристапиме кон енергетска транзиција. Да се олеснат процедурите, да се стимулираат компаниите и граѓаните да инвестираат во користење на обновливи извори на енергија. Тоа ќе го спречи банкрот на нашата држава и ќе го намали загадувањето” истакна Ангелоски.

Во однос на даночните реформи тој истакна дека зголемување на даноците се воведува со цел да се покријат нерационалните трошење на државните институции.

„Со реформа и рационализација треба да бидат опфатени јавните институции кои ги трошат средствата од буџетот, а не само да се оди кон создавање на нови даноци. Еден добар дел од овие даноците се неоправдани бидејќи треба да ги покријат трошоците кои добар дел од државните институции нерационално ги направиле. Се објаснува дека треба да постои солидарност, но со кого да се солидаризираме, со оние институции кои необјективни ги планираат своите буџети. Имаме пример во кој не се плаќала струја три години и сега треба да се воведе нов данок за тоа да се покрие. Пресериозни сме за да прифатиме вакво објаснување, мора да се спроведат длабински реформи во целокупниот систем и многу работи да се креираат и постават на поинаков начин”, истакна Ангелоски.

Во однос на данокот на екстра профит, претседателот на Сојузот, истакна дека и тука треба да се постават работите поинаку односно да се види во кои сектори се создава екстра профитот и зошто е тоа така, па пота да се направат реформи.

„Се поставува и прашањето дали некоја компанија која инвестирала и работела со години и најпосле во една година создала екстра профит треба тоа да и се земе. Мислам дека овој данок е воведен или е во фаза на воведување во Велика Британија, Италија и Хрватска, но нашата економија не е на исто ниво како економиите во овие земји. Со воведувањето на овој данок покрај тоа што се создава правна несигурност исто така се испраќа и погрешен сигнал до компаниите им се вели немој да бидете успешни бидејќи ќе ве казниме со данок на екстра профит. Ние сме на дното на европската економска мапа, овие фирми треба да ги наградиме, а не екстра да ги оданочуваме за покривање на нефункционални целини од државниот систем”, истакна Ангелоски.

Слични содржини