Секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци. Ако Владата смета дека треба да воведе ваква мерка, најубаво е и да објасни каква и е идејата и што сака да постигне, рече денеска претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски.
ССК, нагласи Ангелоски, преферира слободен пазар.
-На 8 септември 1991 година граѓаните на државава гласаа за независност, за слободна економија, за слободен пазар. Слободниот пазар е одлика и придобивка на таа независност и ние генерално преферираме слободен економски пазар, но Владата има свој делокруг на делување и доколку така смета, најубаво треба да објасни каква и е идејата, што сака да постигне, дали е тоа од времен карактер, колку време би траело, изјави претседателот на Сојузот пред работната средба со главниот извршен директор на Македонска берза АД Иван Штериев.
На новинарско прашање како е можно килограм кромид да чини 90 денари, Ангелоски одговори дека причината е веројатно во големата побарувачка за сметка на понудата.
-Имаме добиено десетина барања од европски компании за откуп на кромид од земјава. Дефинитивно постои недостиг на овој производ на европскиот пазар. Претпоставувам дека тоа е причината за вака високата цена. Живееме во реален свет. Ако има поголема побарувачка од понуда, секогаш цените растат, рече претседателот на ССК.