Ангелов: Активен пожарот на Галичица, се дејствува и од воздух и од копно

од Илинка Илиоска
579 прегледи

Девет пожари на територијата на државата се активни, изгаснати се 24, додека под контрола се 5 пожари информира првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов. Активен и во текот на ноќта и утрово е и пожарот на Галичица.

-Гори од двете страни на Галичица и од охридската и преспанската страна. Пожарот предизвикува силна вознемиреност помеѓу граѓаните. Пожарот од страната на Преспа се движи во насока на селата Лекосец и Стење. Зборуваме за ресенското село Лескоец, не охридското за да не дојде до забуна. Овде дејствуваме во еден „ер трактор“ кој сеуште е активен на Дирекцијата за заштита и спасување, но има и 20-тина лица од НП Галичица, како и доброволци. Од другата страна, од охридската, дејствуваат 20-тина вработени во НП Галичица, како и 15 доброволци, односно лица од Планинскатата спасителна служба Охрид кои со своите вештини се исклучително корисни бидејќи се работи за добро обучени планинари и аплинисти кои можат да се движат низ овој предел зафатен со оган, вели Ангелов во утринската видео изјава.

Тој истакна дека е карактеристично  тоа што на преспанската страна на некои места се јавува многу густ црн чад кој најверојатно е предизвикан од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните.

-Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии, потенцира Ангелов.

Слични содржини