Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, го посети мостот кај скопско Визбегово и информираше дека бетонски коцки можат да паднат од мостот врз возилата кои се движат по патот под него и некој да загине. Поради тоа, упати повик до надлежните институции за отстранување на опасностите.
-Возилата кои се движат по овој мост прават силни вибрации. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира под моите нозе. Оваа коцка е само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да падне долу на улица. Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине или да биде тешко повреден, изјави Ангелов, додавајќи дека коцките постојано излегуваат од патот.
Првиот човек на ЦУК апелира до Град Скопје и Општина Бутел да седнат заедно и да се договорат кој е одговорен за овој мост.