Првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов упати порака од професорот Михаил Гаревски, кој тврди дека е безбедно да се поминува на мостот „Беласица“ кој беше опожарен пред 13 дена.
-Градот Скопје, од кој сте ангажирани да ја процените штетата на опожарениот мост Беласица, веднаш после пожарот изрече забрана за движење на возила и пешаци по овој мост. Се додека забраната не биде тргната по мостот не смеат да се движат ниту возила, ниту пешаци.
Доколку вие, како неспорно стручно лице од оваа област, врз основа на вашите досегашни испитувања на штетата на мостот сметате дека мостот е безбеден за пешаци, молам, во согласност со пропишаните процедури, веднаш известете го градот Скопје да ја тргне изречената забрана и со тоа да им се олесни животот на граѓаните кои го користат овој мост. Доколку не сте сигурни дека мостот е безбеден, молам не ги охрабрувајте граѓаните да минуваат по него, објави Ангелов на социјалните мрежи.
Надлежните институции се уште не знаат дали опожарениот мост „Беласица“ воопшто ќе може да се врати во првобитната состојба, ниту колку време би било потребно за такво нешто.
Мостот беше оштетен во стравичен пожар, а бидејќи сега е надвор од употреба, предвика невиден сообраќаен хаос во Скопје.