Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов за инцидентот во Контролата на летање при М-НАВ вели дека има правила кои што мораат бескомпромисно да се почитуваат.
-Не треба сега да релативизираме дека не било толку опасно и дали биле 40 или 5 авиони. Можноста да се судрат два авиони е минимална, но сепак има правила во објектот на М-НАВ не може да влезе било кој. Најпрвин има капија со метална ограда, која физички човек не може да ја прескокне. Според мене е апсурд, не може приватна агенција да обезбедува ваков стратешки објект. Внатре во влезот на зградата, повторно има пријавница на која има обезбедување. Човек не може да влезе внатре. Реално сега и чуварот можел да ги пушти. И во Контрола на летање не може да влезе било кој, освен контролорите. Се поставува прашање дали тие влегле во салата каде што се контролорите, бидејќи информациите се дека „кошкањето“ било ходникот. Сепак тоа ги вознемирило останатите контролори, рече Ангелов во емисијата „Студио 10“.
Ангелов бара Судот да биде ригорозен за ова тешко кривично дело.
-Ова да се случи во друга земја, тие нема да можат да влезат внатре, без разлика кои се. Се поставува прашањето, ако и во Белград некој покаже беџ дека работи таму и притоа стражарот знае, дали ќе го пуштат. Останатите кои се без беџ не можат да влезат. И тој што има беџ, не може да каже овие се со мене и да ги внесе. Ова не смееме да го дозволиме како држава. Можеме да претрпиме санкции од „Eurocontrol“, кажа директорот на ЦУК за упадот во М-НАВ.
Ангелов вели е трајно вработен во М-НАВ и по престанокот на директорската функција во ЦУК, се враќа во македонската навигација.