Центарот за управување со кризи и директорот Стојанче Ангелов бара пропусти и одговорност со цел да ги отстрани аномалиите во решавањето на проблемите, а доколку се утвррди одговорност во случајот со сточарот во кратовско, ќе биде покрената дисциплинска постапка.
Од МВР, рече Ангелов, бараме одговор зошто од полициските службеници не било обезбедено теренско возило и не бил побаран хеликоптер, како и детален извештај од разговорот на лекарската екипа и полициските службеници.
Според информациите досега, од страна на кратовската полиција била испратена понуда до екипата на брзата помош да бидат пратени неколку млади полицајци до болното лице, но биле одбиени од тимот на брзата помош.
„Не интересира и деталниот извештај за содржината на разговорот на лекарската екипа со полициските службеници. Јас овде сум директор на ЦУК само четири месеци. Средувањето на овој процес на средување на системот на справување со кризи ќе потрае и јас не бегам од реформи во овој систем“, рече Ангелов.
Оставката, според Ангелов, во оваа фаза е еден вид дезертерство и затоа останува на функцијата, со цел целосна реформа на системот за управување со кризи.
„Директор сум четири месеци. Средувањето на состојбата во ЦУК и целиот систем ќе биде долготраен и сложен процес, за кој треба уште време. Не сум дезертер и не се повлекувам од борба. Останувам посветено да го завршам она, поради кое дојдов овде – целосна реформа на системот за управување со кризи“, рече Ангелов.