Директорот на ДЗС и лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов смета дека сите помали партии се појавувале и по извесно време ја губат својата моќ. Вели дека партиите како ВМРО-Народна, НСДП и ЛДП опстојуваат, но суровата политичка реалност е дека во земјава има простор за две големи партии и коалиции.
Во однос на најавите за една изборна единица и промена на цензусот, Ангелов вели дека „кога би немало долен праг, Достоинство како мала партија би освоиле еден пратеник“, бидејќи како што вели имаат толку гласачи.
-Кога граѓаните би знаеле дека нема праг и би знаеле дека постојат реални шанси јас или некој од Достинство, некој командант кој учествувал во војната во 2011 година, можат да влезат во Собранието, тогаш би биле помотивирани да гласаат за нас и може и да изненадиме. Но, не сум сигурен и не би се кладел. Сега во моментов имаме еден бранител – генералот Ковачки кој што беше припадник на „Волците“ и извршуваше високи должности во АРМ и генералот Павле Арсовски, рече претседателот на Достоинство во емисијата „Студио 10“.
Идејата за измените на Изборниот законик и воведување на една изборна единица ја „заживеа“ премиерот Христијан Мицкоски на последните пратенички прашања во Собранието. Мицкоски упати повик до опозиционерите во законодавниот дом да ги поддржат измените, но, побара да се дозволи и дијаспората да гласа, преку формирање на избирачки места во државите каде што е тоа дозволено согласно Устав, надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.