Ангелов: „Монструм“ и помирување не одат заедно

од Nikola Popovski
281 прегледи

„Скандирањето “УЧК“, “Етничка Албанија“, мавтањето со мапи на “Голема Албанија“ како и каменувањето на полицајците кои само си ја вршеа својата работа, за време на вчерашниот протест за Монструм, не одат во прилог на процесот на помирување за кој толку многу зборуваме и се залагаме, поради што треба да бидат цел на силна општествена осуда од сите значајни општествени фактори“, објави поранешниот воен генерал и актуелен директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Според него, иако правото на протест е неприкосновено, сепак иритира фактот дека вчера се протестираше против судски пресуди со кои за виновни се прогласени убијци и помагачи на убијци на 5 лица од кои 4 деца.

„И сето тоа без трошка сочувство кон семејствата на убиените деца. Затоа, апелирам! Не треба така, не е добро така. Штетно е за кревкиот процес на меѓуетничко помирување бидејки вистинското помирување е двонасочен процес во кој активно и внимателно треба да бидат вклучени двете страни“, наведува Ангелов.

Осуммина приведени и седум повредени припадници на полицијата е епилогот од вчерашните протести за пресудата за случајот „Монструм“, кои во еден момент ескалираа кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Се фрлаа камења и други предмети кон полицискиот кордон, којшто го спречи движењето на демонстантите кон Кривичниот суд. Полицијата, пак, возврати со шок-бомби. Нападната беше и новинарска екипа.

Слични содржини