Ангелов: Насилниците ќе беа „решени“ доколку влетаа во контролата на летање на аеродромите во Њујорк, Париз или Истанбул

од Nikola Popovski
347 прегледи

Како човек кој имал можност непосредно да се запознае со системот за управување и контрола на воздушниот сообраќај во Македонија, давам целосна подршка на Синдикатот на контрола на летање, но и честитки за нивната борбеност и истрајност, објави директорот на ЦУК и лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов околу најновите случувања во Македонската навигација.

Ангелов смета дека обезбедувањето на објектот на М-НАВ во кој се сместени секторите за воздухопловна техника и контрола на летање, треба да се уреди на сосем поинаков начин, со сосем поинакви сили.

-Страшно е тоа што насилниците кои неовластено влегоа во кругот на М-НАВ, вклучително и во просториите на контролата на летање, нападнаа дежурен контролор на летање, ги вознемирија и ја загрозија безбедноста и на останатите дежурни контролори ја загрозија и безбедноста на воздушниот сообраќај на македонското небо и аеродроми, истакна првиот човек на ЦУК, поздравувајќи го тоа што МВР ги приведе, а Јавното обвинителство поднесе соодветни пријави против осомничените насилници.

Според Ангелов, неразбирлива е одлуката на Судот кој иако бил должен, не им одредил притвор на осомничените.

-Но, кога ќе се земе во предвид дека некои од нив се дел од највисокото раководство на ДУИ тогаш ваквата постапка станува разбирлива. Останува отворено прашањето, до кога вака? До кога одредена етничка и партиска припадност ќе овозможува неказнивост дури и при сомнение за извршени тешки кривични дела, додава претседателот на Достоинство.

-Сосем за крај, прашувам, што ќе се случеше со насилниците доколку влетаа во контролата на летање на аеродромот во Њујорк? Или во Париз, Истанбул, Атина па дури и во Белград? Јас мислам дека таму немаше да влетаат. Ќе беа „решени“ при обидот за влетување, констатира Ангелов во својата објава на социјалните мрежи.

Слични содржини