Ангелов: Под контрола е пожарот во Батинци, има индиции дека е намерно подметнат

Скопската противпожарна бригада итно излегла на терен со неколку возила и помогнале два пинцгауери на ДЗС.

од Бисера Трајковска
22 прегледи

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска изјави дека имаат целосна контрола врз пожарот над селото Батинци во општина Студеничани.

-Пожарот избил денеска, околу 13 часот. Се работи за силен пожар за кој има индиции дека е намерно подметнат бидејќи одеднаш се разви поголема линија во долот. Поради ветерот кој дуваше, пожарот се ширеше со голема брзина, рече Ангелов.

Додаде дека Скопската противпожарна бригада итно излезе на терен со неколку возила, а и помогнаа два пинцгауери на ДЗС, управувани од полицајци од ЕБР.

-Но, поради опасноста да биде зафатено и селото Батинци, бидејќи пожарот се движеше во насока на Батинци, по барање на директорот на ЦУК Муахмед Али испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ер трактори на Дирекцијата кои помогнаа во брзо воспоставување контрола над овој пожар. Имаме целосна контрола врз пожарот. Има горење уште во долот зад мене, но продолжуваат со  дејство ер тракторите и хеликоптерот.  Верувам дека набргу ќе биде ставен под апсолутна контрола, а набргу потоа и целосно изгаснат, изјави од терен директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.