По извршеното извидување од страна на посадата на нашиот армиски хеликоптер, во овој момент полетуваат трите српски и уште еден наш хеликоптер. Вкупно 5 хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар, информира утрово директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој полета со еден од хеликоптерите, кон Пехчево, каде пожарникарите и локалните жители се уште се борат со огнената стихија.
Тој потенцира дека за околу половина час, доколку мрежата е добра, ќе се обиде да се вклучи на ФБ во живо за да овозможи да се види како изгледа местото на пожарот како и процесот на гаснење од воздух.
Ангелов вчера истакна дека во моментов имаме 10 активни пожари, од кои што неколку се сериозни, а другите се од средната категорија и некои каде што гори сува трева, ниско стеблести растенија, грмушки и се далеку од населението.
Според неговите зборови, во моментов најсериозно е во Македонски Брод.
„Таму ветерот го смени правецот и пожарот дојде во близина на едно село. Сериозен пожар имаме и во Пехчево, кој што преминува кон општина Берово. Овде штом се создадат услови, ќе бидат упатени 2 хеликоптери“, рече Ангелов за емисијата „Жешко политичко лето“.