Центарот за управување со кризи (ЦУК) организирал две координативни средби со претставници од МВР и Министерство за транспорт и врски, поради загриженост од користењето на електричните тротинети и законската слабост. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов ги повикува надлежните институции да се договараат за употребата и изнајмувањето на електричните тротинети со цел намалување на ризиците по здравјето и да се заштити безбедноста и на возачите и на останатите учесници во сообраќајот.
Тој кажа дека заклучно со мај годинава со повреди се здобиле 11 лица од кои две со тешки телесни повреди, останатите со телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред се пешаци. Претходната 2022 година, според евиденцијата на МВР имало 49 повредни, од кои осум со тешки телесни повреди, 41 со телесни повреди. Во 2021-та година пак, настрадале 30 лица.
-Од неодамна, во сообраќај се пуштени уште 500 тротинети за изнајмување, а граѓаните притоа ретко користат заштитна опрема, како шлем и флуоресцентен елек при ноќно возење, вели Ангелов.
Ангелов како што кажа на прес конференцијата, на референдум во Париз 90 од граѓаните се изјасниле против користење на изнајмени електрични тротинети, зашто создавале безредие и ја намалувале безбедноста и на самите возачи и на останатите граѓани. За една година, како што сподели информации, во Париз загинале тројца возачи и имало 460 повредени лица.
Тој ги повика надлежните институции да почнат кампања за правилно употребување на електричните тротинети, бидејќи расте бројот на корисници и додаде дека како ЦУК немаат против користењето, но бараат да се употребуваат согласно законските прописи.