Стојанче Ангелов на својот Фејсбук објави видео преку кое се потсети на крвавиот настан во кумановско „Диво насеље“ кој се случи на 9 и 10 мај во 2015 година.
„КРВАВОТО „ДИВО НАСЕЉЕ“
На денешен и утрешен ден, 9 и 10 мај 2015 година, во полициската акција во кумановско Диво Насеље во борба против вооружена терористичка група составена и подржана од неколку десетици албански екстремисти, криминалци и платеници од Македонија и Косово, осум припадници на македонската полиција загинаа а 42 беа ранети.
Групата претходно, на 21 април 2015 година, ја нападна караулата Гошинце на границата кон Косово, по што, оружјето кое го одзела од караулата го искористи во вооружениот напад врз полицијата во Куманово.
Се ќе беше поинаку доколку, оние кои требаше, го сфатеа смртно сериозно моето предупредување јавно кажано на протестите пред македонската телевизија еден месец претходно, на 4-ти април 2015 година:
“Некој во нашата држава направил монструозен план за предизвикување на меѓуетнички судир во Македонија. Знаете сите дека пред околу еден месец имаше соопштение на ОНА со кое повторно се закануваат. Имам информации дека се дадени 2 милиони евра на Албанци коишто немаат врска со УЧК, на криминалци, коишто денес се наоѓаат во Липковскиот регион. Нивната задача била да се претстават дека наводно се УЧК и да извршат убиство на неколку припадници на полицијата или армијата и на тој начин да предизвикаат меѓуетнички конфликт.“
Меѓу другото акцијата во Диво Насеље докажа дека процесот на помирување помеѓу Македонците и Албанците, со сите недостатоци и потешкотии, течел и во тој период бидејки локалните Албанци не дадоа подршка на терористите додека Албанците од македонските полициски единици, рамо до рамо со своите соборци Македонци, се бореа против терористите.
За жал, до ден денес, не се расветли ниту докажа кои беа инспираторите на овој крвав чин, кои беа нивните вистински мотиви, каков беше нивниот оригинален план и дали, кога и каде изгубија контрола врз првичниот план?
Во оваа валкана вооружена дводневна борба загинаа македонските херои:
Љубиша Аранѓеловиќ (49), од Скопје,
Бобан Ивановиќ (47), од с. Стајковци, Скопје,
Горан Стојменовиќ (45), од Миладиновци, Скопје,
Горан Илијевски (41), од Гостивар,
Жарко Кузмановски (34), од с. Брвеница, Тетово,
Сашо Самојловски (33), од с. Брвеница, Тетово,
Исамедин Османи (32), од с. Студеничани, Скопје,
Ненад Серафимовски (28), од с. Зубовце, Гостивар.
Вечна им слава!“, објави Ангелов на Фејсбук.