Ангелов: Сеедно ми е дали Заев е во Скопје или на друго место, од првиот пожар досега сме во постојана комуникација

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска од беровскиот регион изјави дека Главниот штаб на Центарот за управување со кризи има извонредна комуникација со Владата.

-По наше барање Владата одржа итна седница, работите кои што ги кажа премиерот беа веднаш обезбедени, потребните одлуки беа донесени. Јас како раководител на тој главен штаб и на целата оваа кризна состојба сум во постојана комуникација со премиерот и на мене ми е сеедно дали премиерот е овде во Скопје или на било кое друго место. Од првиот пожар досега сме во постојана комуникација и секогаш кога имало потреба премиерот да се ангажира во одредена работа сум можел да го добијам во истиот момент, рече Ангелов

Ангелов брифираше и за моменталната ситуација со пожарите во државата.

-Моментално имаме пожари во Прилеп кај село Дрен и село Смолани кој што е ставен под контрола и моментално се догасува и верувам денес ќе биде локализиран. Покрај него имаме пожар во Велес кај село Џимирци, но тој се префрла кај Скопскиот регион во селото Круш и селото Дивје и овој е малку покомплициран, бидејки се работи за непристапен терен. Во Скопје гори кај Сарај, таму е реактивиран пожарот кај Раовиќ и село Буковиќ и верувам дека денес ќе биде ставен под контрола и повторно имаме пожар во Старо Нагоричане и тоа кај селото Љубино и Дренак, кој што повторно се активирани рече директорот на ЦУК.

Состојбата како што додаде е целосно под контрола освен во Беровско за кој нагласи дека е важно да се каже дека на ниту едно место, нити еден човек не е загрозен поради што апелираше пред се да се внимава на човечките животи бидејки пожарите ќе се изгаснат.

Слични содржини