Првиот човек на ДЗС, Стојанче Ангелов утринава информираше дека пожарот во Чуче Сандево одеднаш избувнал и отишол во планината. Се работи за, како што вели, стрмнина од 70 метри на местото каде што изби.
-Даваме се од себе. Имаме два хеликоптери. Позади мене се хермелините кои што чекаат наредба од Скопската противпожарна бригада каде ќе бидат најкорисни. Две возила на ДЗС се излезени на терен. Имаме доволни ресурси на терен, но и тоа не е гаранција дека пожарот нема да тргне во лоша насока, изјави Ангелов.
Според него, забележливо дека вегетацијата од надвор влегува во внатрешноста на дворовите на куќите. Вели дека постојано апелирал до граѓаните да помогнат со тоа ќе ја искосат тревата во дворовите и да изорaат мек појас од неколку метри за да не може да помине огнот.
-Овој пожар постои голема можност да биде активен уште неколку дена. Утрово добив информација од УХМР дека после 10 часот ќе започне ветер со брзина од 30 километри на час. Тогаш кога ќе биде најжешко, температурата ќе се крене и до 40 степен и тогаш имаме проблем. Невозможно е да се гаси, истакна директорот на ДЗС.
Во моментов, во земјава, активни се вкупно седум пожари на отворено, еден е локализиран и еден е под контрола, а изгаснати се 23, соопшти утринава Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активните се пожарите во Општина Прилеп – с. Бешиште (приземен пожар во мешана шума), Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево и с. Слатин (деградирана дабова шума и грмушки), Општина Чашка – под Солунска глава, меѓу изворите на Бабуна и Бабина дупка (само чад, карпест терен), Општина Чучер Сандево – помеѓу с. Блаце и с. Чучер (мешана шума и ниска вегетација), Општина Шуто Оризари – „Њу стар хотел“ (депонија), Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума) и Општина Крива Паланка – с. Жидилово (борова шума).